Од Сојузот на стопански комори ја поздравуваат одлуката на Владата за поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија, но имаат уште две барања поврзани со одржување на регионалната конкурентност на домашните производи и зачувување на ликвидноста на фирмите кои се финансиски истоштени од скапата струја во изминатите месеци
Владината одлука со која се овозможи компаниите што произведуваат основни прехранбени продукти да добијат струја по цена од 80 евра за мегават-час е добар чекор напред, но потребен е сублимат од повеќе чекори за поосетно намалување на цените на лебот, брашното, зејтинот, млекото…, рече бизнисменот и потпретседател на Сојузот на стопански комори (ССК), Горан Ѓорѓиевски, во дебата во ,,360 степени” на ТВ Алсат, во која учествуваа и министерот Крешник Бектеши и бизнисменот Румен Смилевски (СКСМ).

„Ова е добар исчекор, конкретизиравме и процент за кој би требало да се намалат цените на производите, реален процент и се надеваме дека во периодот што следува, прво, до 1 декември да се склучат договори со ЕСМ Продажба. Потоа, од 1 декември да почне снабдувањето со струја по таа цена од 80 евра за мегават-час. Во прво време зборуваме за стабилизирање и адаптација на цените, да влезе во бизнисот, да се осети во трошоците внатре во рамки на финансиите и на крај на месецот, од 1 јануари следната година, претпоставувам, да има реални услови за намалување на цените под услов да имаме стабилни влезни суровински инпути со вакви цени“,
кажа Ѓорѓиевски.
Конкретно за цената на лебот, Ѓорѓиевски вели дека тоа ќе значи намалување за десетина проценти, но нагласи дека е клучно соодветните други суровински инпути кои влегуваат во цената на финалниот производ да останат исти. Како клучни ги наброја пченицата, брашното, маслото за јадење, квасецот.
Тој вели дека одекот кај компаниите кои се директно засегнати од одлуката за поевтина струја (околу 200 фирми и повеќе од 600 пекарски работилници) е позитивен и дека по нејзиното донесување и други индустрии почнале да вршат притисок за да влезат во групата за која ќе има субвенционирана електрична енергија.

Ѓорѓиевски вели дека имаат уште две барања до Владата кои се исклучително важни за компаниите – регионална конкурентност и главниот проблем со кој се соочуваат во моментот – помош за одржување на ликвидноста. Според него, зголемената цена на струјата во периодот од јули до септември ги оптовари компаниите со што тие многу тешко ги сервисираа обврските кон добавувачите и снемуваа пари за исплата на плати.
„Конкурентноста е од исклучително значење, бидејќи доколку околните држави подобро ги субвениционираат нивните компании и имаат подобри мерки, тогаш ќе се случи нашите производи да не се конкурентни при извоз таму односно по закон на сврзани ставови бидејќи капиталот се движи така, тие производи со пониска цена може да дојдат и во нашата држава. Главното прашање во моментот е ликвидноста кај компаниите. Тоа, конкретно, се решава со кредити, меѓутоа кредитните каматни стапки растат, потешко се доаѓа до финансии, банките веднаш станаа поконзервативни. Затоа, бараме од Владата да овозможи евтини кредити за одржување на ликвидноста на фирмите“,
порача Ѓорѓиевски.