Украинскиот претседател вели дека руските сили не може да ја победат Украина на бојното поле, па затоа напаѓаат на ваков начин. Обвинувањата следуваат откако се појавија извештаи дека Русија се повлекува од окупираниот град Херсон
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека прибегнува кон „енергетски тероризам“ бидејќи руските трупи имале слаби резултати на бојното поле.
Тој рече дека 4,5 милиони луѓе останале без струја по руските напади врз енергетската мрежа.
„Вечерва околу 4,5 милиони потрошувачи се привремено исклучени од мрежата“,
рече украинскиот претседател во своето синоќешно обраќање.
Таргетирањето на енергетската инфраструктура, според него, е знак на слабост со оглед дека руските сили не напредуваат на фронтот.
„Тие не можат да ја победат Украина на бојното поле, па на овој начин се обидуваат да го нападнат нашиот народ“,
вели Зеленски.
Неговите обвинувања за „енергетски тероризам“ доаѓаат откако се појавија извештаи дека руските војници го напуштаат окупираниот град Херсон, што сигнализира големо повлекување од страна на Москва.
Руското Министерство за одбрана, како што пренесува „Би-би-си“, потврди дека тие се насочени кон украинската енергетска инфраструктура.
Во последните неколку недели Русија изврши повеќе големи ракетни и напади со беспилотни летала врз електроенергетските постројки во Украина.
Како резултат на ваквите напади, пак, украинската влада беше принудена да го повика населението да ја користи енергијата умерено.