Три од новите случаи се во Дебар, а другите четири во Скопје, со што бројката на заразени се искачи на 42, како што соопшти Филипче прек Фејсбук
Уште седум нови случаи на коронавирус се потврдени вечерва во земјава, со што бројката се искачи на вкупно 42 заразени, како што соопшти преку Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот наведе дека од 38 нови тестирани, позитивни на коронавирус се седум лица и тоа тројца од Дебар и четворица од Скопје. Во моментов, како што пишува Филипче, се работат уште 22 теста и тие се во рамките на засилениот ран скрининг. Резултатите од овие тестови ќе бидат соопштени утре.
„Во рамките на процесот за ран скрининг на заболени од коронавирус, кој почна во неколку општини, попладнево се направени 30 тестови со поширока индикација и дополнителни осум кои пристигнаа преку Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Од 38 тестирани, позитивни на коронавирус се седум лица, три од Дебар и четири од Скопје. Во текот на денешниот ден се регистрирани вкупно 11 нови случаи на коронавирус. Со ова, бројката на заболени од вирусот во земјата, состојба до 21 часот, изнесува 42. Состојбата на сите пациенти е стабилна. Двајца од заболените имаат средноизразена пневмонија“,
информира Филипче.