На прашање од обвинителката дали во МВР имало работни групи за набавка и имплементација на ваков софтвер за мерење брзина и изрекување казни, министерот за внатрешни работи изјави дека во МВР има повеќе работни групи, а во тој период посочи дека се правеле анализи за надградување на системот „Сејф сити” (Безбеден град) по барање на Владата, односно на тогашниот премиер Зоран Заев
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска како сведок на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во случајот против поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, пред судот изјави дека не бил запознаен со софтверот за мерење просечна брзина на возила и изрекување казни, како и со софтверот за биометриска идентификација.
Спасовски, одговарајќи на директни прашања на обвинителката Ивана Трајчева од ОЈО ГОКК, рече дека не се сеќава дека на седница на Владата било разговарано за ова прашање ниту, пак, бил информиран од тогашниот генерален секретар Рашковски за софтверот за мерење просечна брзина на возила и изрекување казни.
„Не било дискутирано на седница на Влада. Согласно работата на генералниот секретаријат на Владата и генералниот секретар, доколку имало план за таков систем, одлуките ги носи самиот Генерален секретаријат”,
рече Спасовски.
На прашање од обвинителката дали во МВР имало работни групи за набавка и имплементација на ваков софтвер за мерење брзина и изрекување казни, министерот за внатрешни работи изјави дека во МВР има повеќе работни групи, а во тој период посочи дека се правеле анализи за надградување на системот „Сејф сити” (Безбеден град) по барање на Владата, односно на тогашниот премиер Зоран Заев.
„Се бараа анализи за начини и модели за надградба на системот ‘Сејф сити’ во делот на подобрување на безбедноста во сообраќајот”,
рече Спасовски.
На дополнително прашање, какви заклучоци произлегле од анализите, Спасовски рече дека имало повеќе заклучоци, но тие биле ирелевантни за овој случај. Тој додаде дека една од опциите била да се набави нов софтвер, а другата да се изврши надградба на постојниот.
Министерот за внатрешни работи на прашањата дали на седница на Владата биле информирани и дали се разговарало за систем за биометриска идентификација, беше дециден и одговараше само со: „Не!“. Прашан дали анализата за надградба на системот „Сејф сити“ била доставена до Владата, министерот одговори одречно и појасни дека анализата била за потребите на МВР кое, како што посочи претходно, исто така одговарајќи на прашања на обвинителката, е исклучиво надлежно за мерење на брзината на возилата и изрекувањето казни.
Обвинетиот Драги Рашковски во текот на вкрстеното испрашување на Спасовски, меѓу другото, го праша министерот дали згрешиле што го информирале директорот на Бирото за јавна безбедност дека ќе го тестираат софтверот. Спасовски изјави дека тоа било поради нивна лична безбедност.
„Јас не знам дали сте згрешиле, сте имале обврска да внимавате на својата безбедност и во писмото сте навеле дека на тој и тој ден, на тоа и тоа место, ќе се тестира системот”,
рече Спасовски.
Следното рочиште е закажано на 8 ноември, кога треба да сведочи државниот правобранител.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објави дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала, ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичниот суд го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021 година.