Во одделението на Државниот пазарен инспекторат во Куманово никој не одговори на нашите телефонски повици, кога сакавме да прашаме дали се вршат контроли и колку се почитуваат владините мерки за заштита од коронавирусот
Во Куманово делумно се почитуваат владините мерки за заштита од коронавирусот и од страна на објектите, но и од лицата кои се во домашна изолација.
Во обиколката на градот, екипата на „360 степени“ беше сведок дека освен маркетите и аптеките имаше и други објекти што работат, а не се од таа дејност.

Се јавивме во одделението на Државниот пазарен инспекторат во Куманово да прашаме дали вршеле контроли и колку се почитуваат владините мерки за заштита од коронавирусот, но таму не одговори никој на телефонскиот повик.
Од Општинскиот комитет за заштита и спасување во врска со активностите и мерките против ширење на болеста ковид-19, по денешниот одржан состанок информираат дека Општина Куманово и зелениот пазар во Куманово ќе работат со скратено работно време.

„Во насока на преземање на активности за превенција и спречување од ширење на коронавирусот, општинскиот штаб за заштита и спасување ќе побара од ЈП ‘Пазарипшта’ да се скрати работното време за 2 часа. На Општина Куманово и се препорачува да работи со скратено работно време за 2 часа, односно до 14:00 часот, а вработените да бидат достапни на своите службени телефони“,
информират од Општина Куманово.
Кумановци исто така не ја почитувале ниту мерката за медицински надзор и домашна изолација. Од СВР Куманово информират дека вчера при контрола на лицата кои се во домашна изолација, дел не биле дома, поради што од СВР Куманово најавуваат содветни поднесоци против нив.
„Во текот на вчерашниот ден (17.03.2020 година), при вршење на контролите две лица на кои им е изречена мерка медицински надзор и домашна изолација од ДСЗИ првично не биле пронајдени дома и против нив ќе биде изготвен соодветен поднесок“,
информират од СВР Куманово.
За тоа каква е ситуацијата во Куманов денеска, погледнете ја фотогалеријата во продожение.





