Со објава за клучните тези на Владимир Глигоров за Рамката за развој #МКД2030, претседателот Стево Пендаровски изрази сочувство за неговата ненадејна смрт
Претседателот Стево Пендаровски денеска изрази сочувство по повод смртта на економистот и политиколог Владимир Глигоров кој почина вчера во 78. година од животот.
„Клучните тези на почитуваниот Владимир Глигоров, за Рамката за развој #МКД2030. Ви благодарам и почивајте во мир“,
напиша на Фејсбук претседателот Пендаровски.

Фото: Стево Пендаровски – Фејсбук
Познатиот економист и политиколог Владимир Глигоров вчера ненадејно почина во 78. година од животот. Глигоров е син на првиот македонски претседател Киро Глигоров.
Владимир Глигоров е роден во Белград каде што ги завршил основните и магистерските студии, а докторирал во 1977 година на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк.
Работел на Универзитетот во Белград, на Институтот за економски науки, а од 1994 година бил вработен на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, каде што најмногу се занимавал со Западен Балкан, особено со Северна Македонија, Србија и Црна Гора.
Во своите истражувања особено се занимаваше со долгорочниот раст на земјите во транзиција, макроекономските анализи и финансиските пазари.
Глигоров беше постојан соработник на „Oксфорд аналитика“, меѓународна консултантска фирма која обезбедува стратешка анализа на светските настани, пишуваше за „Волстрит џурнал“ и имаше редовни колумни во неколку дневни весници и неделници во Југоисточна Европа.