Министерот за правда, Никол Тупанчески, пак, не сакаше да коментира за конкретен предмет, но како ресор кој е надлежен за Бирото за судски вештачења најави дека Министерството наредната недела во владина процедура ќе пушти нов Закон за вештачења што ќе ги реши сите „дефекти“ во оваа област
Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, вели дека одговор за тоа зошто повеќе од една година има застој во судскиот процес за автобуската несреќа кај Ласкарци, треба да одговори Бирото за судски вештачења, бидејќи оттаму се очекува вештачењето што судот го побарал.

„Точно е дека постои застој, скоро година време не е изготвено вештачењето. Како беше побарано супервешачење, судот постапи по барањето и го прати во Бирото за судски вештачења. Моите информации кажуваат дека застојот е затоа што недостасуваат експерти од таа област. Тоа прашање ќе треба да го поставите во Бирото, каде е застојот. Последно што знам е дека од страна на вештаците е побарано да се изврши увид на автобусот“,
рече Џолев.
Министерот за правда, Никол Тупанчески, пак, не сакаше да коментира за конкретен предмет, но како ресор кој е надлежен за Бирото за судски вештачења најави дека Министерството наредната недела во владина процедура ќе пушти нов Закон за вештачења што ќе ги реши сите „дефекти“ во оваа област.

„Она што сакам да го потенцирам е дека нареднава недела во владата ќе биде во владина процедура новиот закон за вештачење кој подолго време се подготвува и ќе значи излезно решение за сите недостатоци и дефекти што во моментов се случуваат во таа сфера. Констатирани се дефектите и мислам дека тоа ново законско решение ќе претставува решавање на сите досегашни наталожени проблеми. Од тоа како ќе биде изработен регистарот на вештаци, како ќе се добива лиценца итн., значи прецизни правила за тоа како ќе се одвива вештачењето во иднина. Новиот закон го гледам како добра алатка за подобрување на состојбите на тој план“,
рече Тупанчески.
Судска разрешница за случајот „Ласкарци“ нема и по повеќе од три и пол години од автобуската несреќа. Таа се случи на 13 февруари 2019 година кога автобус на „Дурмо турс“ кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Загинаа 16 патници, а 37 беа повредени.
Судскиот процес за несреќата започна на 5 септември 2021 година, но и по повеќе од три години никако не може да се дојде ниту до првостепена пресуда. Во процесот беа изведени вештачења од странките, но беше побарано и супервештачење за кое наредбата е дадена 11 ноември 2021 година, но тоа и до ден денес не е изработено.
За потсетување, за проблемите околу супервештачењето во декември лани стигна информација дека факултетите во земјава одбиле да го вршат вештачењето. Од Техничкиот факултет во Битола тогаш го известиле судот дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештачи за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила, а другите нивни вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење. Тогаш од судот рекоа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што исто така биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кои имаат можност да формираат тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.
Обвинети во овој судски процес се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.