Меѓу пријавените беа две обвинителки кои досега работеа во ова обвинителство, но се со истечен мандат. Конкурираа и гостиварската обвинителка Елизабета Јосифоска која беше дел од СЈО и ѝ беше заменичка на Катица Јанева, како и беровскиот обвинител Златко Биковски кој го водеше случајот „Пуч“, а беше и еден од обвинителите против кого се водеше дисциплинска постапка за непостапување откако се случи упадот во Собранието на 27 април 2017 година
Советот на Јавни обвинители не избра ниту еден од шестемина пријавени кандидати за обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Огласот беше распишан за четири обвинители, но ниту еден од шестемина не го доби потребното мнозинство гласови.
Кои се обвинителите што конкурираа за четири места во ОЈО ГОКК
Меѓу шестемина обвинители што се пријавија на огласот се две обвинителки кои се веќе дел од ОЈО ГОКК кои поради истекување на мандатот аплицираа за нов. Станува збор за обвинителката Милица Гаврилова која е дел од тимот во ова обвинителство од 2018 година. Таа беше оценета позитивно со 23 од максимални 25 поени, меѓутоа не ја доби довербата од членовите на Советот.

Втората обвинителка е Маја Коневска, која веќе три мандати е дел од ОЈО ГОКК. Таа во оценувањето исто доби позитивна оценка 19,3 поени, но не и гласови од Советот. Меѓу последните познати предмети што ги водеше беше случајот за шверц на кокаин во кој беа опфатени актерката Силвија Стојаноска, која во повтореното судење доби ослободителна пресуда од првостепениот суд, и нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ, кој правосилно е осуден на 12 години затвор.

За едно од четири места конкурираше и Елизабета Јосифоска, која во моментов е обвинителка во ОЈО Гостивар, а во јавноста е позната како дел од тимот на СЈО и заменичка на Катица Јанева. Таа во оценувањето за овој конкурс имаше 24 поени.
Нејзиниот колега од гостиварското обвинителство Арсим Адеми, исто така, е еден од кандидатите кој се пријавил, а не беше изгласан. Неговата оценка беше максимални 25 поени. Тој е обвинителот кој ја договори спогодбата со Зоран Милески-Кичеец за сообраќајката со смртни последици што се случи во септември минатата година на патот Гостивар-Кичево. Спогодбата беше шест месеци затвор. Кичеец, познат од случајот „Рекет“ каде што призна вина, сообраќајката ја направи додека беше на отпуст од издржување на затворската казна во затворот во Струга, која дотогаш ја издржуваше во одделението од отворен тип.

Меѓу кандидатите кои не добија поддршка е и обвинителот од Берово, Златко Биковски, кој претходно беше в.д. шеф токму на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, откако Јован Илиевски кој беше на позицијата замина како судија во Стразбур. Исто како Адеми и тој имаше максимални 25 поени. Во јавноста е познат по тоа што го водеше случајот „Пуч“, а беше и еден од обвинителите против кого се водеше дисциплинска постапка за непостапување откако се случи упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Тој во 2019 конкурираше да биде член и на Антикорупциската комисија. Тој, исто како и Адеми и Јосифоска конкурираа и на претходните огласи за обвинители во ОЈО ГОКК, но ниту тогаш не беа изгласани.
И шестата обвинителка која се пријавила на огласот е Верица Бержевска-Крстевска, која работи во ОЈО Скопје. И нејзината оценка беше максимални 25 поени, но не ја доби поддршката од членовите на Советот.
Ова беше трет конкурс за избор за избор на обвинители за гонење организиран криминал, откако во април лани беа избрани петмина обвинители, а во март годинава уште петмина на којшто конкурс всушност беа реизбрани пет обвинителки на кои им беше истечен мандатот.
ОЈО ГОКК ќе добие и нов шеф
Додека трае постапката за избор на четворица обвинители во ОЈО ГОКК, Советот на јавни обвинители распиша конкурс и за избор на нов шеф на ова обвинителство со оглед дека на актуелната шефица, Вилма Русковска, мандатот ѝ истекува на 14 ноември.
Рокот за пријавување на овој оглас истече минатиот петок и на него се пријавија петмина обвинители: досегашната шефица Вилма Русковска, нејзината колешка од ОЈО ГОКК, Енгелуши Кадриу Леши, скопскиот обвинител Ерман Незири, како и двајца обвинители од Гостивар, Ислам Абази, и Деса Пауновска.
Кој од нив ќе биде следниот шеф на ОЈО ГОКК ќе се знае на 7 ноември кога треба да се одржат непосредни избори со гласање на сите обвинители во државата. Ваквиот начин на избор ќе се организира за првпат, според новот Закон за јавно обвинителство.
За таа цел, на дневен ред на денешната седница на Советот е и формирање на Комисија за спроведување на гласањето.