Наградата е за оние кои беа принудени да побегнат. На оние кои изгубија роднини и пријатели. На сите што застануваат и се борат за она во што веруваат. Знам дека храбриот народ на Украина нема да се откаже, а нема да се откажеме ниту ние, вели претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола

Годинешниот добитник на наградата Сахаров за слобода на мислата е народот на Украина, нивниот претседател, избраните лидери и граѓанското општество, објави претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
„Во изминатите девет месеци, Европскиот парламент и светот гледаа како Украинците херојски ја бранат својата земја, својата слобода, своето семејство. Но, украинскиот народ ги ризикува своите животи и за Европа, бранејќи ги вредностите во кои сите веруваме, слободата, демократијата, владеењето на правото. Никој повеќе од нив не ја заслужува оваа награда“,
им порача Мецола на пратениците на пленарната седница во Стразбур.
Мецола додаде дека оваа награда е наменета за Украинците кои се борат на теренот.
„Наградата е за оние кои беа принудени да побегнат. На оние кои изгубија роднини и пријатели. На сите што застануваат и се борат за она во што веруваат. Знам дека храбриот народ на Украина нема да се откаже, а нема да се откажеме ниту ние“,
изјави лидерот на парламентот.
Европскиот парламент ја доделува наградата Сахаров за слобода на мислата од 1988 година. Наградата е востановена во чест на исклучителни поединци и организации за заштита на човековите права и основни слободи. Името го носи по советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, а паричниот износ на наградата е 50 000 евра.
Украинскиот народ и претседателот Володимир Зеленски беа номинирани за овогодинешната награда Сахаров од неколку репрезентативни клубови. Доделувањето на наградата треба да се одржи во Европскиот парламент во Стразбур на 14 декември.