Предлогот на јавниот обвинител е казната да биде во висина од 50 дневни глоби. Колкава ќе биде казната, ќе одлучи судијата
Јавното обвинителство од Кавадарци бара парична казна за жител на селото Дебриште, Општина Росоман, зашто по враќањето од Германија не ги почитувал мерките за задолжителна самоизолација.
„Тој влегол во државата на 16 март во 23:15 часот, враќајќи се од Германија како средноризична земја утврдена на листата на Светската здравствена организација. Притоа, одбил да потпише изјава за задолжителна самоизолација и да ја прими писмената наредба на Министерството за здравство. На 17 март во 13 часот, кога од страна на полицајци од Кавадарци е направена контрола во неговиот дом, обвинетиот не бил затекнат таму и телефонски изјавил дека е на истовар на стока во Струмица“,
велат од Обвинителството.
Предлогот на јавниот обвинител, согласно Законот за кривична постапка, е паричната казна да биде во висина од 50 дневни глоби.
Колкава е казната која ќе се изрече, треба да одреди судијата кој во моментов одлучува.