Информацијата за деталниот состав на делегацијата доаѓа по гостувањето на премиерот Димитар Ковачевски во емисијата „360 степени“ (14 октомври 2022 година), во кое тој вети дека владата ќе внимава да не прави непотребни трошоци при патувањето во Обединетите Арапски Емирати, но во таа прилика не кажа и колку службеници ќе патуваат покрај другите функционери
Премиерот, тројца министри и веројатно уште четири други службени лица се патниците кои ја сочинуваат владината делегација која утре ќе замине за Абу Даби, тврдат владини извори. Во детали, покрај премиерот Димитар Ковачевски, во делегацијата се и министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, и министерот за транспорт, Благој Бочварски.

Упатен извор од владата тврди дека ниту еден од министрите со себе нема да носи и службеници, што сугерира на тоа дека се води сметка да не се прават трошоци за патувања. Така, освен четворицата функционери, во делегацијата ќе има само еден кабинетски службеник од канцеларијата на премиерот Ковачевски, едно лице задолжено за односи со јавноста, еден раководител на сектор од Министерството за финансии и веројатно еден член на обезбедувањето на Ковачевски (таа одлука ја носи 6-та управа на МВР)
Прашањето за составот на владината делегација која треба да патува за Абу Дабу премиерот Димитар Ковачевски го доби во петокот (14 октомври 2022 г.), при гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Тоа беше поставено во контекст на мерките за штедење донесени од владата – дека треба да се намалат расходите за патување во земјата и во странство за најмалку 20 отсто, како и за намалување на делегациите. Тогаш, тој кажа дека со него, како премиер, ќе оди еден кабинетски службеник и обезбедување, но не беше дециден за потенцијалните придружници на министрите. Јасно му беше најавено и дека редакцијата на „360 степени“ ќе побара детална информација за трошоците при патувањето.
Како што одговори Ковачевски при гостувањето во „360 степени“, има повеќе причини поради кои владата испраќа делегација во Абу Даби. Главно, таму ќе бидат присутни инвеститори, а земјава има потреба за финансирање на Буџетот, на инфраструктурни и на проекти во земјоделството