Откако измените на Законот за здруженија и фондации поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се најдоа на дневен ред на денешната 88. пленарна седница на Собранието, пратениците на владејачкиот СДСМ до законодавниот дом денеска поднесоа предлог-измени на Законот за политички партии, чија интенција е, како што се наведува во измените, „да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и нациоанал-социјализмот“
Содржински, па дури и според вокабуларот, дефинициите во текстовите на двата закона – оној на ВМРО-ДПМНЕ за здруженија и фондации и оној на СДСМ за политички партии – се речиси идентични
Власта и опозицијата, судејќи според денешните активности во Собранието околу измените на Законот за здруженија и фондации, што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ и кои се ставени на дневен ред на 88. пленарна седница по скратена постапка, како да ги здружија силите во отфрлањето на фашизмот и национал-социјализмот во секоја општествена форма на здружување – и граѓанска и политичка.

Имено, откако измените на Законот за здруженија и фондации, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се најдоа на дневен ред на денешната 88. пленарна седница на Собранието, пратениците на владејачкиот СДСМ до законодавниот дом денеска поднесоа предлог-измени на Законот за политички партии, чија интенција е, како што се наведува во измените, „да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и нациоанал-социјализмот.
Содржински, па дури и според вокабуларот, дефинициите во текстовите на двата закона – оној на ВМРО-ДПМНЕ за здруженија и фондации и оној на СДСМ за за политички партии – се речиси идентични.
„Целта на предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии е да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот,нацизмот и нациоанал-социјализмот. Имено, со предлог-законот ќе се овозможи поголема транспарентност како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава“,
стои во делот за целите, начелата и решенијата на измените на Законот за политички партии, предложен од пратениците на СДСМ, Јован Митрески и Соња Мираковска.


Според предлогот на СДСМ, во Законот за политичките партии се бара алинејата три од член 3 од законот покрај актуелната содржина дека „програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија; поттикнување или повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, да бидат променети односно дополнети и со:
„…разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост,етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам,нацизам, национал- социјализам и третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх…“
Во членот 16, пратениците на СДСМ бараат да се додадат два нови става кои ќе ги регулираат и допрецизирираат статутите на политичките партии, односно дека:
„Статутот на политичката партија не смее да содржи одредби кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх (член 4) и Името и ознаките на политичката партија не смеат да содржат симболи, зборови, кратенки кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх (член 5)“
Како и со предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ за здруженија и фондации така и во овие предлог-измени на Законот за политички партии се бара Законот да важи ретроградно.
„Политичките партии регистрирани согласно одредбите на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ број 76/2004, 5/2007,8/2007, 5/2008 и 23/13) се должни во рок од 3 месеци од влегувањето во сила на овој закон, да го усогласат името, ознаките,програма, статутот и целите со одредбите од овој закон“,
стои во предлог-измените на Законот за политички партии.
Предлог-измените на Законот за здруженија и фондации, кои ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе во Собранието на 7 октомври како реакција на нижењето бугарски здруженија и фондации именувани по контроверзни историски личности – соработници на фашистичката оска во Втората светска војна, станаа дела од набиената агенда на денешната 88. пленарна седница на Собранието, како една од над 30 точки на дневен ред, меѓу кои и изборот на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа и избор на двајца членови на Уставниот суд.
Според изјавите кои доаѓаат од пратеници, владејачкото мнозинство иако засега само декларативно најавува поддршка на Законот за здруженија и фондации на ВМРО-ДПМНЕ
„Законот за здруженија и фондации навистина бара ревидирање, бидејќи станува збор за закон којшто е стар веќе десетина години. Апсолутно го поддржуваме правото на слобода на здружување, но исто така мора да застанеме во одбрана на вредностите на кои се темели нашата држава, а тоа се антифашистичките вредности, така што секој предлог што е во таа насока ќе го поддржиме“,
изјави денеска пратеничката од СДСМ Санела Шкријељ во Собранието.

Одговарајќи на прашање дали на денешната пленарна седница ќе дадат поддршка на законските измени за овој закон предложени од ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека ќе дадат поддршка и оти се согласуваат дека има потреба од носење на такви законски измени.
„Тоа значи да, поддршка, денес се утврдува потребата од носење на такви законски измени, а ние се согласуваме дека има потреба од носење на такви законски измени“,
рече Шкријељ.
Дека ќе има поддршка од пратениците на владејачкото мнозинство викендов навести и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој за Канал 5 изјави дека „за иницијативата на опозицијата за промена на законот заслужува да се разговара“.
Сепак и покрај нижењето на предлог-законски решенија и нови точки на дневен ред на денешната пленарана седница, таа сè уште никако да започне. Пленарното заседание првин беше закажано за во 11 часот за потоа да стигне известување од законодавниот дом дека тоа се одлага за во 13 часот. Но, и покрај нов иот термин, 88. пленарна седница до моментот на објавување на овој текст, сè уште не беше започната, според објаснувањето, поради проблеми со електрониката.
Отворањето на клубот „Цар Борис Трети“, освен што ги зовре страстите кај граѓаните во земјава, воедно им даде дополнителен елан и на власта и на опозицијата да ги забрзаат постапките за измени на Законот за здруженија и фондации.
Опозициската партија предлог-измените на Законот ги поднесе на 7 октомври, дента кога се отвори клубот „Цар Борис Трети“.
Истиот ден, Министерството за правда соопшти дека е формирана работна група за изготвување нов закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение.
Според Министерството, законот треба да биде објавен на ЕНЕР до крајот на овој месец.
Сепак, сега ќе треба да се види каков став ќе заземе владејачкото мнозинство во Собранието кон предлог-измените на ВМРО-ДПМНЕ и дали тоа ќе има некакво влијание на подготовката на законот инициран од Министерството за правда.