Вежбите ќе се одвиваат над Белгија, која е домаќин, како и над Северното Море и Обединетото Кралство, а ќе се користат само макети на нуклеарно оружје
Вооружените сили на 14 земји членки на НАТО од денеска до 30 октомври ќе учествуваат на годишната вежба за симулирање на одбраната на територијата што ја покрива Алијансата.
Вежбата, како што соопштија од Алијансата, ќе се одвива во Северозападна Европа, а таа е рутинска и не е поврзана со никакви актуелни светски настани.
„Во вежбата учествуваат 14 земји и до 60 авиони од различни типови, вклучувајќи борбени авиони од четврта и петта генерација, како и авиони за набљудување и танкер. Како и претходните години, ќе учествуваат американски бомбардери со долг дострел Б-52. Оваа година тие ќе летаат од воздухопловната база ‘Мино’ во Северна Дакота“,
информираат од НАТО.
Вежбите ќе се одвиваат над Белгија, која е домаќин, како и над Северното Море и Обединетото Кралство, а ќе се користат само макети на нуклеарно оружје.
Домаќин на вежбата која се одржува секоја година е различен НАТО-сојузник секоја година.
„Оваа вежба помага да се осигура дека нуклеарното одвраќање на Алијансата останува безбедно, сигурно и ефективно“,
рече портпаролот на НАТО, Оана Лунгеску.
Фундаменталната цел на нуклеарната способност на НАТО, додаваат оттаму, е да го зачува мирот, да одврати од агресија и да овозможи свет без нуклеарно оружје.