Шпанскиот Сенат попладнево на седница го изгласа Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.
„Сенатот направи нешто целосно ново – гласаше од далечина“, рече шпанскиот амбасадор во земјава Лоренцо Сера откако гласањето во Шпанија, првпат во историјата, се спроведе преку видеоконференциска врска.
Тој го следеше гласањето преку видеопренос во Владата во друштво на министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Имав посебна чест да бидат присутен на овој настан, иако ова беше невообичаена пленарна седница на шпанскиот Сенат. Шпанија само што го ратификуваше Пристапниот протокол со нула гласови ‘против’“,
рече Димитров.
Инаку, Шпанија е последната земја членка на НАТО која го формализираше актот со кој на нашата земја ѝ се овозможува и официјално зачленување во Алијансата.
„Шпанија 29-та последна земја членка на НАТОо што го ратификуваше нашиот пристапен протокол. Со тоа заврши процесот на ратификација. Шпанија сега ќе го депонира тоа во Стејт департментот. Потоа, Вашингтон ќе испрати информација до НАТО во Брисел и официјално и ние ќе добиеме покана да го депонираме нашиот Закон за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој веќе е изгласан во нашето Собрание. Со тоа завршуваме еден тридецениски процес“,
рече Димитров.
Тој се заблагодари што во вакви тешки околности Шпанија одржа седница и гласаше за нашето членство во Алијансата.
Изградивме капацитети и способности, рече министерот, со кои активно ќе придонесуваме во напорите на Алијансата во справување со безбедносните предизвици. Нашето членство, според него, ќе значи поголема регионална безбедност и стабилност, а со тоа и појака трансатлантска врска.
„Тоа нас ни дава предвидливост, што нè прави поинтересни за странските инвеститори. Нашето членство има уште поголемо значење во време кога човештвото се соочува со заканата предизвикана од новиот вирус и кога солидарноста и заедништвото се најмоќниот одговор во справување со оваа опасност. Сакам да им честитам и на македонските граѓани за овој заеднички успех што дојде како резултат на истрајност и решителност, на храбри одлуки и посветеност“,
рече Димитров.
Шпанскиот амбасадор со порака на македонски јазик
Шпанскиот амбасадор Лоренцо Сера, пак, порача дека било многу важно Шпанија да го ратификува Протоколот и појасни дека ратификацијата се пролонгираше поради изборите и неформирањето влада.
Тој дури им се извини и на граѓаните за доцнењето, а потоа се обрати и на македонски јазик.
„Ни претставува големо задоволство усвојувањето од страна на Сенатот на Шпанија на Законот за ратификација на Протоколот за прием на Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО. Шпанија и Северна Македонија ќе станат и формално сојузници, што веќе де факто тие се. На тој начин ќе се продлабочат пријателските билатерални односи. Откако неговото височество, кралот на Шпанија ќе го потпише Законот за ратификација ќе го депонира во Вашингтон што ќе се случи многу бргу“,
рече Сера во изјавата на македонски.
Димитров: Сега е работа на техника и церемонија
Во однос на понатамошната процедура од аспект на тоа како земјава ќе го депонира Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор во Вашингтон, дали државна делегација ќе го прави тоа или поинаку со оглед на состојбата со коронавирусот, министерот Димитров, засега немаше прецизен одговор.
„Живееме во неверојатно вонредни околности што меѓу другото го покажува и денешниот ден со шпанскиот Сенат. Овој тип на гласање тие го вовеле во 2013 година, а првпат се употребува денеска токму за нашиот Пристапен протокол. Денеска требаше да има дебата во холандскиот парламент во комисијата за европски прашања по нашата кандидатура за ЕУ и таа на соседите, но и таа дебата ќе се одвива писмено. Имајќи го сето ова предвид, тоа што е клучно е што сите 29 земји членки ја изразија својата волја да не примаат во сојузништво. Од денес натаму се работи за форма и церемонија. Се разбира дека законот од Шпанија ќе се депонира. Јас денес имав разговори со претставници на САД, ќе видиме што е возможно, меѓутоа политичкиот дел се заврши, сега е работа на техника и церемонија што исто така е важно“,
рече Димитров.