Запрашан што би направил НАТО доколку Русија изврши нуклеарен напад, генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг рече дека нема да навлегува каков точно ќе биде нивниот одговор, но оти ќе ја промени природата на конфликтот
Владимир Путин би ја преминал „многу важната линија“ доколку нареди употреба на нуклеарно оружје во Украина, предупреди генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, додавајќи оти одговорот на НАТО би ја променил природата на конфликтот.
Забелешките на Столтенберг уследија по состанокот на тајната Група за нуклеарно планирање на НАТО меѓу министрите за одбрана во Брисел, во време кога расте загриженоста поради инсистирањето на Путин дека ќе ги искористи сите неопходни средства за одбрана на руската територија.
Запрашан што би направил НАТО доколку Русија изврши нуклеарен напад, Столтенберг рече:
„Нема да навлегувам каков точно ќе биде нашиот одговор, но ќе ја промени природата на конфликтот, а тоа ќе значи дека е премината многу важна граница“,
вели тој.
Генералниот секретар на НАТО додаде дека дури и секоја употреба на помало нуклеарно оружје ќе биде многу сериозна работа која суштински ќе ја промени природата на војната во Украина, а тоа, како што рече, ќе има последици.
„Ако Русија употреби нуклеарно оружје против Украина тоа ќе има многу сериозни последици, сојузниците ѝ го соопштија тоа на Русија на разни начини“,
рече денеска на прес конференција во Брисел генералниот секретар на НАТО.
Столтенберг повеќепати повтори дека Северноатлантската алијанса е само одбранбен сојуз и дека нејзината цел е да спречи употреба на нуклеарно оружје и да ги заштити нејзините членови. Тоа значи дека и најмал напад на земја членка ќе го активира членот пет на НАТО за колективна одбрана.
„Еден за сите, сите за еден“,
рече Столтенберг.
Во случајот на Украина, генералниот секретар остана јасен дека во оваа војна НАТО само пружа поддршка, но не е дел од конфликтот. Тоа, сепак, нема да ги спречи земјите членки да продолжат да и помагаат на Украина економски, хуманитарно и со оружје.