Џафери вели дека подносителот на иницијативата за референдум има двегодишно искуство како пратеник и се надева оти му е позната одредбата од членот 135 од Деловникот, на кој што го упатува, бидејќи таа е јасна и прецизна по кој основ треба да се доуреди барањето

Претседателот на Собранието, Талат Џафери смета дека начинот на кој е поставено референдумското прашање иницирано од пратеникот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, може да создаде проблем во понатамошната постапка.
„По однос на содржината на прашањето, тоа е само потсетување, не е моја обврска да навлегувам, потсетувам дека начинот на кој е поставено прашањето, може во понатамошната постапка да направи проблем, во смисла на она што укажуваат не јас, туку институциите во држава, кои утврдуваат дека таквите прашања не се општ правен акт, така што јас само го потсетувам на укажувањето на другите институции“,
изјави Џафери.
Тој додаде дека подносителот на иницијативата за референдум има двегодишно искуство како пратеник и се надева оти му е позната одредбата од членот 135 од Деловникот, на кој што го упатува, бидејќи таа е јасна и прецизна по кој основ треба да се доуреди барањето.
„Во секој случај ќе видиме во која насока ќе се исполнат барањата во законски предвидениот рок“,
додаде Џафери.
Претходно Апасиев изјави дека враќањето на нивната иницијатива за референдум од страна на претседателот на Собранието е само „купување време“, но дека тие ќе ја направат корекцијата во дадениот рок и повторно ќе ја поднесат.
„Иницијативата не е одбиена. Значи, ова не е ист случај како со претходната иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ. Ако правилно го читаме, иницијативата е вратена на корекција, односно спикерот Џафери спротивно, во негов стил силеџиски, како уставен судија, но сега со друга финта ни ја врати да ја усогласиме во рок од 15 дена. Ние впрочем тоа и ќе го направиме“,
рече Апасиев.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, вчера, преку соопштение го објави својот став дека барањето за одржување референдум поднесено од Левица не е подготвено во согласност со собранискиот Деловник, а прашањето е несоодветно поставено, и воедно бара во предвидениот рок од 15 дена предлагачот да го усогалси барањето со одредбите од Деловникот на Собранието.
Левица на 7 октомври до Собранието поднесе иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?”.