Еврокомесарот за проширување истакна дека 14 приоритети кои БиХ треба да ги спроведе и кои претходно беа услов за кандидатски статус остануваат неспорни и дека без нивно исполнување нема да може да се почнат пристапните преговори
Европската комисија предложи денеска на Босна и Херцеговина да ѝ се додели кандидатски статус под услов да преземе низа реформи и да усвои неколку закони во областа на правосудството, борбата против корупцијата и слободата на изразувањето, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
„Европската комисија препорачува на Босна и Херцеговина да ѝ се додели кандидатски статус, подразбирајќи дека ќе преземе одредени реформи“,
кажа Вархеји претставувајќи го извештајот за проширување и напредокот на земјите кандидати и потенцијални кандидати на патот кон ЕУ.
Вархеји ги истакна изборната и уставната реформа како итен приоритет.
„Ова е понуда до Босна и Херцеговина и нејзините граѓани, а политичката елита тоа би требало да го претвори во реалност. Очекуваме брзо воспоставување на власта по спроведените избори за да се спроведат реформите“,
кажа тој, додавајќи дека доделувањето на кандидатскиот статус би било можно во декември.
Еврокомесарот за проширување истакна дека 14 приоритети кои БиХ треба да ги спроведе и кои претходно беа услов за кандидатски статус остануваат неспорни и дека без нивно исполнување нема да може да се почнат пристапните преговори.