Николоски од ВМРО-ДПМНЕ најави дека во неговиот настап во дебата на Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе зборува за однесувањето на Бугарија, кое според него, не претставува европски вредности, а ќе се осврне и на барањето на промена на Уставот што тој го оценува како директно мешање во внатрешните работи на Македонија
Претставници на парламентите од 46-те земји членки на Советот на Европа ќе расправаат по извештајот на грчкиот пратеник Јоргос Папандреу за поддршка на европските перспективи на Западен Балкан. Дебата ќе се одржи во рамки на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), а во неа ќе учествува и делегација од Собранието на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Членовите на нашата делегација, предводена од Дарко Каевски од СДСМ, а во чиј состав се и Арта Билали Зендели од ДУИ и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, веќе се пријавиле за дебатата по извештајот на Папандреу, на која, Николоски рече дека ќе ја потенцира улогата на земјава, како фактор на демократија и стабилност на целиот регион.

„Но, исто така ќе кажам дека Македонија долги години чека да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ. Тоа е неправедно, затоа што најпрво Грција ја блокираше Македонија со своето вето да ги отпочне преговорите, а сега тоа го прави Бугарија“,
изјави Николоски.
Според Николоски, Бугарија тоа го прави на најлош можен начин, оспорувајќи го македонскиот национален идентитет, македонската засебност, култура и историја, како и самобитноста и постоењето на македонскиот јазик.
Николоски оцени дека ваквото однесување на Бугарија „не се европски вредности“.
„Тоа не се вредности коишто се делат во Советот на Европа и Европската Унија. Тоа не се вредности коишто се признаени во Стразбур и Брисел. И затоа е многу значајно целокупна Европа да застане зад Македонија и да поддржи почеток на преговорите со ЕУ без никакви дополнителни условувања од страна на Бугарија“,
додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Николоски смета дека промената на Уставот што го бара Бугарија е „директно мешање во внатрешните работи на Македонија и не смее да биде услов за почеток на преговори со ЕУ“.