Академик Коцарев уште еднаш ги повтори своите ставови во однос на општествената состојба во државава при што рече дека со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците
Многу е мала веројатноста нашата држава да стане рамноправна членка на Европската Унија во следните 30 години и треба да се соочиме со таа реалност, рече претседателот на Македонската академија на наука и уметностите (МАНУ), академикот Љупчо Коцарев, во обраќањето по повод Денот на Академијата.
Коцарев како причини за тоа ги наведе бавното темпо на интегративните процеси во ЕУ во однос на земјите на Балканот што сè уште не се дел од Унијата, сè до противењето на некои нејзини членки во блокот да се вклучат нови земји со право на вето.

Коцарев смета дека стремежот за помирување на различните гледишта за историјата на Балканот е клучен фактор на актуелниот преговарачки пристап за влезот во ЕУ, но како што потенцираше, процесот постојано наидува на нови пречки, кога отсуствува искреното покајување како чин на хуманост.
Тој уште еднаш ги повтори своите ставови во однос на општествената состојба во државата при што рече дека со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците.
„Со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава Македонија, како и врз Македонците во соседните држави, но и насекаде каде што живеат и опстојуваат како народ. Пред воопшто да се пристапи кон потпишување на какви било договори, нашата држава мораше и требаше да бара некаков облик на покајание од сите договорени страни кои многу години, па и децении вршеа геноцид на Македонците и не го признаваа постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик“,
вели првиот човек на МАНУ.
Според академикот Коцарев, Академијата треба да очекува јавно покајание од сите оние институции кои со години промовираат радикални и неправедни ставови што го загрозуваат и го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик, што претставува основен услов за натамошна плодна и конструктивна меѓуакадемска соработка.
По повод Денот на Академијата, по обраќањето на академикот Коцарев, денеска на академиците Павол Жиго и Каролин Снајвели им беше доделено меѓународното признание „Блаже Конески“.