Што се однесува до третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, директорот на „ЖРСМ инфраструктура“ информира дека во завршна фаза е подготовката на тендерската документација, која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година и изборот да биде завршен до крајот на следната година, кога би требало да биде означен и почетокот на изградбата
На 29 октомври официјално ќе биде означен почетокот на изградбата на првите две делници од пругата на Коридорот 8 – од Куманово до Бељаковце и од Бељковце до Крива Паланка, а работите треба да се финализираат до крајот на 2025 година, за што се обезбедени сите потребни средства и е завршена експропријацијата на земјиштето, информира денеска на брифинг со новинарите директорот на „ЖРСМ инфраструктура“, Хари Локвенец.
Делницата од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, ќе ја гради конзорциумот „Штрабак“, сочинет од компании од повеќе држави. Проектното време за оваа делница е определено на 24 месеци, меѓутоа, како што посочи Локвенец, од самата компанија има најава дека би завршиле со работа во рок од 18 месеци. Вториот дел ќе го работи турската компанија „Ѓулермак“ и проектното време за изведба на овој проект е предвидено да биде во рок од 36 месеци. Двете компании работите на терен ќе ги започнат на 18 октомври.
„Тоа значи дека до крајот на 2025 година ние би ги имале завршено двете фази од пругата до Република Бугарија до Крива Паланка“,
рече Локвенец и дополни дека 54 проценти од првата делница е веќе изградена.
Што се однесува до третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, директорот на „ЖРСМ инфраструктура“ информира дека во завршна фаза е подготовката на тендерската документација, која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година и изборот да биде завршен до крајот на следната година, кога би требало да биде означен и почетокот на изградбата.
„Проектното време за завршување на овој дел од пругата е четири години и ве уверувам дека овде не е прашање дали можеме. Заради условите на ЕУ и заради потребата да го покажеме својот капацитет, својата подготвеност да го сработиме тоа, ние мораме да ја почнеме изведбата на овој дел од пругата кон Бугарија до крајот на 2023 година. Земајќи предвид дека предвиденото време за градба на тој дел е четири години, значи дека до крајот на 2027 година ние би имале готова пруга кон Бугарија. За да стигне возот до Софија или од Софија до Скопје потребно е и нашите колеги од бугарска страна да ја завршат својата работа. Имаме ветување со нивните проекции дека својата работа тие ќе ја завршат до 2027 година. Тоа значи дека буквално сме комплементарни во својата работа и се надополнуваме во реализацијата на овој важен инфраструктурен проект“,
нагласи Локвенец.
