Москва и Киев веќе неколку месеци меѓусебно се обвинуваат за бомбашки напади во близина на електраната, а со тоа расте и стравот од повторување на катастрофата што се случи во Чернобил во 1986 година
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој ѝ се наложува на руската влада формално да ја преземе контролата врз украинската нуклеарна централа Запорожје и да ја претвори во „федерална сопственост“. Нуклеарната централа, најголемата во Европа, е под контрола на руските сили, но до сега таму работеше украински персонал.
Во указот до руската влада се наведува:
а) да обезбеди усвојување на федералната сопственост над објектите за користење на атомска енергија на Запорошката нуклеарна централа и другиот имот неопходен за спроведување на нејзината дејност;
б) да преземе мерки со цел создавање сојузно државно унитарно претпријатие „Запорошка нуклеарна централа“ со цел обезбедување на безбедноста на објектот и употреба на атомската енергија на нуклеарната централа Запорожје.
Веднаш по таа објава, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, кој планираше да ги посети Киев и Москва оваа недела, објави дека заминува во главниот град на Украина за да разговара за формирање заштитна зона околу електраната.
Запорошката нуклеарна централа се наоѓа на левиот брег на Дњепар, во близина на градот Енергодар. Тоа е најголемата нуклеарна централа во Европа според бројот на блокови и капацитетот. Нејзината близина до линијата на фронтот предизвикува меѓународната јавност да се плаши од нуклеарна катастрофа.
Москва и Киев веќе неколку месеци меѓусебно се обвинуваат за бомбашки напади во близина на електраната, а со тоа расте и стравот од повторување на катастрофата што се случи во Чернобил во 1986 година.
Путин потпиша и указ за објавување на текстот на уставот на Русија со измените по присоединувањето на Луганската и Донецката Народна Република и областите Херсон и Запорожје кон Русија.
Документот денеска беше објавен на официјалниот интернет сајт за правни информации. Указите стапуваат на сила со потпишувањето.