Прашан за состојбата со владејачкото мнозинство и најавите дека независниот пратеник Кастриот Реџепи ќе дејствува во рамките на пратеничката група на ДУИ, Милошоски рече дека примерот со Реџепи е „најдобар показател дека во парламентарното мнозинство нема борба за европски вредности, стандарди или реформи туку има само борба за власта поголемо влијание или позиција“
Сè помалку политички субјекти или пратеници имаат желба да се качат на бродот што тоне, е личниот став на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски, прашан за мислење околу предлозите за формирање на широка коалиција, што во петокот во „360 степени“ го начна пратеникот и коалициски партнер на власта, Павле Трајанов.
„Во однос на широка коалиција моето лично мислење е дека се помалку политички субјекти или пратеници имаат желба или намера да влезат или да се качат на бродот што тоне, а е управуван во моментов од најнеспособниот досега премиер во државата Димитар Ковачевски, особено со немање сериозен план за енергетската и економска криза“,
изјави Милошески одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Собранието.
Прашан за состојбата со владејачкото мнозинство и најавите дека независниот пратеник Кастриот Реџепи ќе дејствува во рамките на пратеничката група на ДУИ, Милошоски рече дека примерот со Реџепи е „најдобар показател дека во парламентарното мнозинство нема борба за европски вредности, стандарди или реформи туку има само борба за власта поголемо влијание или позиција“.
„Тоа е примерот и на Кастриот Реџепи и на внатрешните превирања во ДУИ. Не би коментирал и сами нека одлучат како ќе завршат тие внатрешни превирања, но очигледно е дека борбата за власт е поважна од напорите да се понудат решенија за подобро надминување на енергетската криза“,
нагласи пратеникот.
Според него, нова влада е подобра од било какви други нови нефункционални комбинации.
„Според мене власта беше делегитимирана уште на локалните избори, тоа беше јасно изразено. Сега гледаме дека власта е делегитимнирана и од стопанска гледна точка. Сметам дека стопанските комори и вработените во приватните претпријатија доколку ги прашате секој ќе ви каже дека справувањето со кризата регионално гледано во Македонија се врши на најнесоодветен можен начин и за тоа сметам дека нова влада е подобра од било какви други нови нефункционални комбинации“,
потенцира Милошоски.
Предлогот за широка коалиција во која би влегла и ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива и за премиерот, како и за потпретседателката на коалицискиот партнер ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.
Ковачевски вчера изјави дека нема потреба од формирање широка коалиција и експертска влада затоа што, според него, оваа Влада има политички легитимитет и капацитет, и политички, и економски.
„Ја видов изјавата на Павле Трајанов. Тој веројатно беше мотивиран од она што јас го кажав во Собранието дека сите политички партии, без разлика дали се на власт или се во опозиција, треба да го дадат свој максимум во делот на справувањето на државата со енергетската и со економската криза во која што се наоѓа целиот континент“,
додаде Ковачевски на прес-конференцијата во Владата по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП, вели дека партијата е апсолутно против формирање широка коалиција и предвремени избори и не се согласува со ставот на Павле Трајанов од Демократски сојуз.
„Не би се согласила со оваа констатација на Павле Трајанов, затоа што, според она што го гледам во парламентот, мнозинството е стабилно, а можеме да видиме и дека Владата работи во полна пареа и ги менаџира предизвиците со кои се соочува. ЛДП е апсолутно против вакви широки коалиции“,
рече Зајкова во гостување во дневникот на ТВ Сител.
Пратеникот на ДУИ и член на „огнената група“, Иџет Меџити, во понеделникот во изјава за ТВ 21 изјави дека независниот пратеник Кастриот Реџепи ќе се приклучи на пратеничката група на Демократската унија за интеграција во Собранието, откако двајцата заедно со градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, вечерта претходниот ден на Фејсбук објавија заедничка фотографија со хаштаг „заедно“.
„Огнената група“ од ДУИ пред десетина дена излезе со отворено писмо револтирана од првиот вицепремиер Артан Груби и побара промени во партијата.
Претставници на „огнените“ на двапати беа на средби со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во седиштето на партијата во Мала Речица.
Последната средба вчера, а по која Ахмети уверуваше дека нема раскол во партијата.
„Нема огнена група, таквите излагања на функционерите се нормални во ДУИ. Ниту оган ниту пламен имаше. Разговаравме и сите сме на иста страна“,
кажа Ахмети.
Ахмети на прес-конференцијата придружуван од Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта додаде дека на 15 октомври ќе има централно собрание на кое ќе се разговара за политичката ситуација, ќе се избере новото претседателство и ќе има отчет на владиниот состав на ДУИ.