Стопанската комора пред два дена побара од Владата најдоцна до денеска да се донесат мерки за да им се помогне на бизнисите погодени од силниот ценовен удар. Оттаму предупредија дека бизнисот има само една алтернатива – или државата ќе помогне или ќе се затворат капацитетите
Владиниот Економски совет денеска точно напладне треба да одржи седница за кризата, а меѓу темите што се очекува да бидат на дневен ред се дополнителни мерки со кои би се ублажил ценовниот шок за граѓаните и стопанството.
Замрзнувањето на маржите, според премиерот Димитар Ковачевски, функционира, но она што ги покачува цените се инпутите, енергенсите и суровините што ги добиваат производителите на основните прехранбени продукти.
„Сите сме свесни за растечките цени на храната, особено на основните прехранбени производи. Владата направи првични мерки за замрзнување на цените, но со оглед дека сме отворена економија која разменува со странство, предолгото замрзнување не е можно. Ќе се јават недостатоци, па затоа преминавме како што преминаа и други држави, кон замрзнување на маржите“,
рече премиерот во понеделникот.
Според најавите од неговите последни јавни настапи, се очекува наскоро да се објават и конкретни мерки за помош на најранливите категории.
За кризата, вчера владиниот тим предводен од Ковачевски имаше средба и со Христијан Мицкоски и економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ од каде изминативе денови нудеа помош и контакти за поповолна набавка на енергенси.
По состанокот премиерот рече министерот за економија Крешник Бектеши е задолжен да ги разгледа предлозите од опозицијата и да види дали имаат соодветна понуда што ги задоволува критериумите врз основа на кои се прават набавки во ЕСМ.
Во меѓувреме, реакција до Владата упати и Стопанската комора барајќи најдоцна до денеска да се донесат мерки за да им се помогне на бизнисите погодени од силниот ценовен удар. Оттаму предупредија дека бизнисот има само една алтернатива – или државата ќе помогне или ќе се затворат капацитетите.