„Ако нема за останатите во Скопје, ние ќе го исклучиме греењето. Нема да имаме никаква привилегија во таа смисла, ви гарантирам“, рече претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на прашање дали Вилата Водно ќе се грее на парно од 15 октомври
Ако скопјани немаат парно, и ние ќе го исклучиме греењето, рече претседателот Стево Пендаровски во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма одговарајќи на прашање дали Вилата Водно ќе се грее на парно од 15 октомври.
На тоа Пендаровски одговори дека ако има греење за останатите граѓани на Скопје, тогаш и Вилата Водно ќе се грее на ист начин.
„Ако нема за останатите во Скопје, ние ќе го исклучиме греењето. Нема да имаме никаква привилегија во таа смисла, ви гарантирам“,
рече Пендаровски.
Шефот на државата посочи оти владата е децидна за почетокот на грејната сезона на 15 октомври, во насока дека скопјани нема да останат без парно греење.
„Тоа нека биде тест дали Владата со сите најавени мерки за ублажување на ефектите од кризата, ќе го помине тој тест. Колку што јас знам околу 60 илјади скопјани се греат на парно греење и и ако тука крахираат, јасно ќе биде дека во еден дел не го испорачуваат она што го ветиле пред граѓаните“,
рече Пендаровски во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Во однос на евентуални рестрикции со струја во земјава, Пендаровски се повика на тврдењата на Владата оти нема да има рестрикции.
„Според она што го знам и јавно е познато до овој момент, Владата тврди дека нема да има рестрикција на струја. Владата тврди дека ќе имаме проблеми да набавиме енергенси по релативно пристапани цени за нашата економија. Но, дека ќе има количини, ќе има“,
изјави Пендаровски.
„До овој момент ние немаме пад во тоа стратешко размислување на страна на Владата. До овој момент и нивните тврдења во однос на цената на енергијата се дека таа нема да се менува минимум до Нова Година. Ако почнат проблеми во делови од системот, не дај Боже, тогаш ќе речеме мерките што ги читавте на глас пред месец дена, немаат ефект“,
додаде тој.
Во однос на помошта што се очекува од ЕУ за енергетската криза, Пендаровски рече дека сите инсистираме на помош, но дека сме мали за да не слушнат. Тој посочи дека при вакви важни работи малите држави се секогаш на „опашката на настаните“, затоа што големите држави бараат прво да си ги подмират своите интереси.
„Да се надеваме дека со упорно лобирање во Брисел, од наша страна буквално дишење во врат на надлежните комесари во Комисијата, можеме да го завршиме тоа. Ако не, ред е да излеземе ние што сме одговорни тука, кај нас, на прес – конференција и да кажеме направивме се, одговор немаме или не е задоволителен, нема веќе пардон“,
истакна Пендаровски.