Во оваа фаза, кога никој не може да даде или да погоди година, мислам дека 2030 г. е амбициозна, но добро поставена како цел кон која треба да се тежнее, вели Владимир Дробњак во интервјуто за „360 степени“
За Хрватска најтешко поглавје во преговорите за членство во ЕУ беше бродоградбата, вели Дробњак. За Северна Македонија, според него, најтешки би можеле да бидат пазарна конкуренција, земјоделство, ветеринарна политика и заштита на животната средина
Владата го ангажираше Владимир Дробњак, поранешен главен преговарач на Хрватска со Европската Унија, за надворешен експерт со кого ќе се консултира во текот на пристапните преговори со ЕУ кои сега се во фазата на т.н. скрининг. Во интервју за „360 степени“, Дробњак зборува за хрватското искуство и ги проектира своите очекувања на македонскиот случај, кој е специфичен по многу основи.
360°: Господине Дробњак, владата која ве ангажира како надворешен експерт ја постави 2030 година како рок за завршување на пристапните преговори и зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Како човек со големо искуство во процесот на пристапување, дали сметате дека овој рок е реалистичен?
Владимир Добњак: „Рокот е многу амбициозен, но сметам дека е добро поставен во овој момент, како една амбициозна цел. Дали е реален – тоа никој не знае. Хрватска го знаеше датумот, годината на зачленување, шест месеци пред затворањето на последното поглавје . Значи, преговаравме со години, а не го знаевме моментот на зачленување, зашто тоа никој не може да го знае. Но, на почетокот мора да постои некаков рок, макар и само зададен, и во тој дел е важно да се биде амбициозен. 2030 г. е амбициозен рок, дали е реалистичен, ќе видиме, но сигурен сум дека Северна Македонија ќе влезе во ЕУ. Во оваа фаза, кога никој не може да даде или да погоди година, мислам дека 2030 г. е амбициозна, но добро поставена како цел кон која треба да се тежнее.“

360°: Кога Црна Гора ги почнуваше пристапните преговори, а тоа е пред 10 години, опишувајќи го хрватското искуство, како и комплексноста на целиот пристапен процес, во еден јавен настап во Подгорица рековте: „Замислите си нешто најтешко и потоа додајте уште малку“. Дали овој опис сè уште важи и би важел за Северна Македонија и за нејзиниот процес на пристапување?
Владимир Добњак: „Важи и за Северна Македонија. Јас тогаш сакав да кажам дека преговорите се нешто најтешко во административно-правно-политичка смисла. Преговорите се комбинација на политика, надворешна и внатрешна, на право, на административни реформи, комуникација и севкупна трансформација на општеството. Тие се најтешки, во стручна смисла, во однос на тоа што една држава во одреден период може да помине. Секоја генерација на преговори е специфична и секоја генерација на преговори е тешка на сопствен начин. Вашите преговори се одвиваат според истите правила како за Црна Гора, но реченицата што ја кажав во Подгорица би можел да ја повторам и во Скопје.“
360°: Кој сегмент од преговорите со ЕУ беше најтежок за Хрватска?
Владимир Добњак: „За нас, конкретно, најтешко беше прашањето за бродоградбата, ако зборуваме за преговарачките поглавја. Затоа што влезот во Унијата бараше темелно реструктуирање на хрватската бродоградба и значајно намалување на користењето државни субвенции. Бродоградбата е важна и голема индустрија која вработува многу луѓе во Хрватска и тоа, според мене, беше најголем предизвик, но далеку од тоа дека беше единствен. Ја наведувам бродоградбата како пример зашто секоја држава има свои специфичности и нешто што е најтешко за една земја не мора да биде за друга држава. Сосема е сигурно дека вие ќе немате проблеми со бродоградба.“

360°: Можете ли да видите од сегашна гледна точка кој дел би бил најпроблематичен за Северна Македонија?
Владимир Добњак: „Тешко е да се каже во овој момент. Кога зборуваме за преговорите, водете сметка дека постојат големи преговарачки подрачја кои бараат сериозни вложувања и длабински реформи. Тоа се земјоделство, ветеринарна политика, заштита на човековата средина… Ова не се само големи и тешки поглавја туку поглавја кои бараат значајни вложувања. Исто така, тука е и пазарната конкуренција – Поглавје број 8 кое всушност се сведува на максимално редуцирање и укинување на субвенциите. Смислата на преговорите е да се постигне тој степен на ускладеност и развиеност на државата за она да може да одговори на предизвиците на отворениот пазар. За тоа да се оствари потребна е длабинска реформа. Кое поглавје ќе биде најтешко за Македонија – тешко ми е да кажам, но мислам дека тоа би можеле да бидат поглавјата 8,11,12 – значи пазарна конкуренција, земјоделство, ветеринарна политика и заштита на човековата средина.“
360°: Македонија ќе ги води преговорите според новата методологија за пристапување. Што мислите за оваа трансформација во пристапниот процес, што мислите за новата методологија?
Владимир Добњак: „Новата методологија допрва треба да се тестира во практика. Србија и Црна Гора ја прифатија новата методологија откако долги години преговараа по претходната методологија. Северна Македонија и Албанија од самиот почеток стартуваат по новата методологија. Новата методологија е тешка, но ако внимателно ја читате содржи реченици во кои се вели дека новата методологија има за цел да ги забрза преговорите, истовремено да ги направи и потешки, но и побрзи. Треба да видиме како тоа ќе изгледа во практика. Идејата со седум кластери, мислам дека тоа може да биде добро за Северна Македонија, но треба што е можно побрзо да се почне, сега тоа е најважно.“
360°: Таканаречениот француски предлог во земјава предизвика и сè уште предизвикува бранувања на политичката сцена. Имате ли вие став за преговарачката рамка за Северна Македонија и дали таа излегува надвор од вредносниот систем на ЕУ?
Владимир Добњак: „Многу е тешко да се одговори на ова прашање во смисла на тоа дека имате две основни вредносни рамки на ЕУ. Една е правната рамка која може многу прецизно да се мери, а тоа се сите документи, закони, регулатива која треба да се усвои. Другата се етички, политички, морални, човечки начела и ние ги споделуваме европските вредности и ние ним им припаѓаме. Мислам дека во случајот со Северна Македонија ние, особено Хрватска, многу добро ги знаеме и ги поддржуваме вашите основни цели на одбрана и заштита на националниот идентитет, ние тоа многу добро го знаеме, знаеме колку е тоа важно и тешко и во овој дел ја имате нашата полна поддршка… Мислам дека и Европа тоа го разбира. Во овој момент она што е најважно е целата јавност во Северна Македонија да стане свесна за фактот дека преговорите се отворени. Отворањето на преговорите не е само симболичен чин туку тоа значи дека вие преминувате во едно нова оперативна состојба – дека вам ви се отвора една нова огромна можност која треба максимално да се искористи и да се создаде добар импулс. Вие чекавте многу години за да се отворат преговорите, тие сега се отворени и мислам дека е важно, не само државната администрација, новинарите, политичарите, јавноста, граѓанскиот сектор, сите да почнат да размислуваат во таа категорија. Вие сега не сте само држава кандидатка, туку држава кандидатка која преговара. Мислам дека е потребно таа свест да се всади што е можно пошироко во македонското општество.“
360°: Србија и Црна Гора долго време преговараат, Северна Македонија и Албанија само што почнаа со преговорите. Што мислите, каков пристап ќе преземе ЕУ во однос на приемот на идните земји членки од регионот. Дали тоа ќе биде групен пристап или ќе се оди на поединечен пристап? Во 2013 година Хрватска сама влезе во ЕУ.
Владимир Добњак: „Да. Хрватска, покрај Грција, е единствена земја која сама влезе во ЕУ. Сите други влегоа во групи. Данска, Велика Британија и Ирска, па потоа беа Шпанија и Португалија, па Австрија, Шведска и Финска, па големото проширување. Сите тие кругови на проширување до влезот на Хрватска ја немаа методологијата на репери (бенчмаркови). Методологијата на бенчмаркови, која ја имате и вие, максимално го индивидуализира процесот бидејќи сите држави не добиваат исти бенчмаркови ниту, пак, ист број бенчмаркови. Од бенчмарковите што ќе ги добие Северна Македонија голем дел ќе добие и Албанија, а голем дел има и Србија, но тие не се исти, значително се разликуваат во одредени сегменти. Ова го кажувам за да ви покажам дека процесот е максимално индивидуализиран. Дали ЕУ во одреден момент, за неколку години, ќе заклучи дека сепак е подобро да се оди со пакет, па земјите од Западен Балкан заедно да влезат, или ќе биде индивидуален прием, тоа во овој момент никој не го знае. Но, составот на бенчмарковите резултира со фактот дека процесот сега е скроен за секоја држава посебно и мислам дека тоа ја отежнува филозофијата на „регата“ зашто ние секогаш велевме дали е „конвој“ или „регата“. Во „конвојот“ одиме сите заедно, но со брзината на најбавниот брод, додека во „регата“ важи – кој ќе го фати најдобриот ветер, кој прв ќе помине… Мислам дека сега имаме „регата“, а дали таа еден ден со стратегиска проценка на ЕУ ќе премине во „конвој“, тоа сега никој не го знае. Во овој момент имаме `регата`.“