Премиерот информираше дека веќе е предвидено зголемување на платите на високообразовните институции за седум до осум проценти за оваа година
Очекувам отворени разговори со Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во однос на зголемувањето на платите на професорите, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по првиот академски час на Економскиот факултет при УКИМ.
„Очекувам да разговараме отворено со Синдикатот на УКИМ на којшто ќе треба да се постави рамка во однос на барањето на професорите од УКИМ. Јас сум тука денеска, тука беше и ректорот на УКИМ, навистина треба да се цени и вреднува работата на професорите. И јас доаѓам од академската заедница со тоа што мора да ги имаме предвид условите во коишто работи економијата во овие кризни услови“,
рече премиерот.
Тој информираше дека веќе е предвидено зголемување на платите на високообразовните институции за седум до осум проценти за оваа година.
„Секако дека ќе се трудиме да направиме и идната година, со цел низ еден среднорочен период да дојдеме до подостоинствени плати на професорите“,
нагласи Ковачевски.
Претседателот на Синдикатот на УКИМ, проф. д-р Ангел Ристов, во гостувањето во „360 степени“ на Алсат ТВ рече дека никогаш во историјата на Универзитетот состојбата на вработените не била потешка и полоша.
Во минатото, како што посочи Ристов, платите на УКИМ биле на ниво на судии и на обвинители, а денес доцентите земаат пониска плата од просечната. Според него, редовен професор на УКИМ заработува 39 500 денари месечно, а платата на доцент изнесува 30 590 денари, што е под просекот во државата.
„Ние сме едни од ретките држави во Европа и во светот каде што еден доцент, доктор на науки, зема помала плата од просечната“,
рече Ристов и додаде дека најзагрозен е ненаставниот кадар чии плати не се покачени со години.
Правејќи споредба со примањата на колегите од регионот, Ристов рече дека во Северна Македонија универзитетските професори се убедливо најслабо платени.