Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков најави дека во наредниот период целосно ќе откријат како во аферата „Броило“ фирми блиски до Ковачевски стигнале да свртат 26 милиони евра и во име на ВМРО-ДПМНЕ го повика премиерот Ковачевски да не чека да ги објавуваат деталите туку „веднаш да каже каква е неговата вмешаност во сите бизниси на овој соларен картел и веднаш да си поднесе оставка“
Опoзициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со обвинувања до премиерот Димитар Ковачевски, според кои фирми основани од него и негови семејни врски „вртат милионски суми во енергетскиот бизнис“, односно се вмешани, како што тврдат од партијата, во бизниси во вредност од 26 милиони евра.
Аферата „Броило“, како што ја нарече денеска на прес-конференеција пратеникот и член на Извршниот комитете на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков ќе покаже како Ковачевски и една тесна клика се здружиле во картел кој печали и добива лична корист.

„Следете внимателно. Пиксел груп – фирма основа од Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов, заедно со фирмата КМГ ЕОЛ Квазар, фирма само на кумот Паунов, се вмешани во бизниси во вредност од 26 милиони евра! Во Соларниот Картел, Ковачевски и неговиот кум Паунов, по основањето на Пиксел груп, во 2018 година градат фабрика за производство на фотоволтаични панели во Кочани“,
рече Лефков на прес-конференцијата, притоа покажувајќи фотографија на која како што рече е од отворањето на фабриката, на која се гледа како, според Лефков, кумовите Ковачевски и Паунов прославуваат свечено отворање на фирмата со торта.
Според пратеникот фирмата станала централна во бизнисот и дека околу неа „се вртат 26 милиони евра.
„Аферата` Борило` е шема која покажува како преку Пиксел груп и фирмата КМГ ЕОЛ Квазар Соларниот Картел ги свртеле парите. Само од државни тендери во изминативе неколку години овие фирми инкасирале 1.8 милиони евра. Во 2021 година, кога Димитар Ковачевски е заменик министер за финансии, КМГ ЕОЛ Квазар склучува договор со ЕВН, врз која сега Ковачевски како премиер има мандатна сопственост преку државниот удел во ЕВН, и тоа договор за изведба на работи и испорака на фотоволтаични панели, во вредност од над 2 милиони евра“,
рече Лефков.
Како што истакна пратеникот, аферата зазема димензии од десетици милиони евра, кога пред месец и половина, Пиксел груп најави дека влегува во фаза на инвестиција во фабрика за производство на соларни панели во индустриската зона во Тетово, во вредност од 54 милиони евра. Станува збор за зона во која инвеститорите имаат даночни и царински ослободувања, а, како што посочи Лефков, според написите во медиумите се очекува да потпишаат и договор за државна помош.
„Фирмата е регистрирана под името АЕ Солар АД Тетово, како заедничка на Пиксел груп која поседува 40 отсто, а 60 отсто поседува фирма од Бугарија. Горанчо Паунов, кумот на премиерот Димитар Ковачевски веќе е поставен како еден од двајцата извршни директори на АЕ Солар АД Тетово. Инвестицијата на Пиксел груп треба да биде 21,6 милиони евра, соодветно на процентот на учество. Со тоа, Ковачевски како премиер, ќе му потпише договор за државна помош, на кумот Горанчо Паунов како извршен директор на фирмата, во која 40 отсто од сопственоста е на Пиксел груп, основана заедно со Ковачевски!“,
тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот и член на ИК на партијата посочи дека сето ова се случува во период откако друга бугарска фирма најави инвестиција во ФЕЦ Осломеј, каде државата е партнер со 18,5 отсто, а за која инвестиција бугарската фирма партнер на Пиксел груп се пофали на нивната интернет страница.
„ Па оттука се поставува прашањето дали панелите произведени во фабриката во Тетово ќе завршат во ФЕЦ Осломеј, каде државата е застапена со 18,5 отсто? И каква е улогата на Ковачевски кој се јавува како основач на фирмата која е во кругот на бизнис интересите од оваа шема, но сега и како премиер? И второ, дали со фабриката во Тетово, во која Пиксел груп, основана од Ковачевски, е сопственик ќе се монополизира пазарот на производство и продажба на фотоволтаични панели?“,
прашува Лефков, додавајќи дека сето ова се случува во услови кога постојано се најавуваат нови поскапувања на електричната енергија за граѓаните, а бизнисот во земјава плаќа двојно поскапа електрична енергија од бизнисот во регионот.
Тој најави дека во наредниот период целосно ќе откријат како во аферата „Броило“ фирми блиски до Ковачевски стигнале да свртат 26 милиони евра и во име на ВМРО-ДПМНЕ го повика премиерот Ковачевски да не чека да ги објавуваат деталите туку „веднаш да каже каква е неговата вмешаност во сите бизниси на овој соларен картел и веднаш да си поднесе оставка“.