На два и пол месеци до вообичаениот крај на учебната година, поради коронавирусот, учениците не се во училиштата. Но, и да беа таму, некои од нив сè уште немаше да ги имаат основните помагала – учебниците.
Во Гостивар, на пример, само во основното образование недостигаат 10 илјади учебници, а уште толку и во средното.
„Од ова најмногу губат учениците. Затоа, нашата иницијатива е да се информира јавноста за реалната состојба. Денеска, официјално, со сите направени анализи реагиравме до МОН и чекаме позитивен одговор, да преземат мерки и да ги снабдат со учебници во преостанатиот период“,
изјави Имерлије Салиу од секторот за образование во Општина Гостивар
Учебници недостигаат и во главниот град. Како се учи без учебници, пред паузата поради коронавирусот, проверивме во ОУ „Гоце Делчев“ во Општина Центар. Библиотекарката Сања Пејчиновска-Крстиќ вели дека најголем проблем за нив е учебникот по македонски јазик, кој неодамна бил дистрибуиран само за одредени одделенија. Но, има предмети за кои воопшто нема учебници.
„Конкретно, во нашето училиште најголем проблем е во шесто одделение, каде што со години, еве три години веќе, нема стигнато учебници. Меѓутоа, еве, најголем проблем имаме со учебниците како македонски, општество, географија. Конкретно по географија бидејќи има нова програма, две години нема стигнато нов учебник“,
вели Сања Пејчиновска-Крстиќ, библиотекарка во ОУ „Гоце Делчев“
Учениците се снаоѓаат, но и самите се свесни дека тоа се само привремени решенија.
„Ние се снаоѓаме со тоа што копираме или ќе ни сликнат, со денешната технологија, нели преку телефони работиме и така учиме, нема друг начин“,
вели Амелија Ончева, ученичка во седмо одделение.
„На настава со другарката или со другарот што седи до тебе, заедно гледате од истата книга“,
вели седмоодделенецот Марко Крајчески.
Како е сето ова можно? Од Министерството за образование, кое е надлежно да обезбеди учебници, велат дека проблемот е комплексен.
Учебниците, примарно, се делат на два вида – оние за кои авторските права се во сопственост на Министерството, како македонски јазик, историја и географија, и оние за кои авторските права се во сопственост на издавачките куќи – странските јазици и предметите според програмата „Кембриџ“, како математика и природни науки.
Недостигот, според ресорниот министер Арбер Адеми, се јавува пред сè кај учебниците за кои правата ги има Министерството.
„Не сме имале успешна јавна набавка од 2014. А во декември 2019 заврши успешно јавната набавка, со склучени договори со економските оператори кои понудија најевтина цена и се дистрибуираат учебниците до училиштата“,
изјави министерот за образование Арбер Адеми.
Втората група учебници, за кои авторските права ги имаат издавачки куќи, најчесто не доцнат. Но, таму има проблеми кои се од друга природа.
Документите од Министерството за образование и Бирото за јавни набавки покажуваат дека за учебници од 2013 година се склучени договори во четири очи со вкупно 24 издавачки фирми. Но, според анализа на невладината организација „Центар за граѓански комуникации“, има битни разлики во дистрибуцијата на овие договори по фирми.
Од вкупниот „колач“, до еден милион евра вкупен приход во последните седум години, имале дури 19 од 24-те анализирани издавачки куќи. За истиот временски период приход поголем од еден, а помал од два милиона евра имаат две фирми. Само три издавачки куќи оствариле приходи над два милиона евра – „Просветно дело“ (6,4 милиони евра), „Арбериа десигн“ (9,6 милиони евра) и „Арс ламина“ (15,4 милиони евра).
Ако подетално се анализира работењето на трите компаниите од кои Министерството најчесто купувало учебници, се појавуваат нови разлики.
Според податоците од Централниот регистар, заедничко за сите три издавачки куќи е што работеле со профит изминативе пет години. Но, најстарата фирма меѓу нив, „Просветно дело“, за половина деценија има профит од вкупно 127.000 евра, или 0,7% споредено со вкупните приходи.
„Арбериа десигн“ работи со неверојатен профит од 63% или во апсолутни бројки за пет години 8,3 милиони евра добивка. За истиот период „Арс ламина“ работела со профит од речиси 23% или добивката за половина деценија изнесува 5,8 милиони евра.
Со оглед на тоа што значаен дел од приходите на „Арс аамина“, а особено на „Арбериа десигн“ доаѓаат од печатење и дистрибуција на учебници, високите профити го отвораат прашањето – дали државата ги преплаќа „бесплатните“ учебници поради недостиг на конкуренција?
Коментар побаравме и од трите издавачки куќи. Од „Арс ламина“ ни одговорија дека сè е според закон.
„Начинот на кој се вршат изборот и набавката на учебници е пропишан со закон и ние, како и сите други регистрирани друштва за издавачка дејност, имаме право да учествуваме во таа постапка. Оттаму, нашиот успех не се должи на непостоење на конкуренција, туку на квалитетот на нашите изданија“,
одговорија од „Арс ламина“.
Сличен е и ставот на „Арбериа десигн“.
„Моделот е во склоп на законот и во самиот процес се овозможува и има конкурентност. Според наши информации, МОН располага со над 120 различни наслови – учебници… од кои само неколку се сопственост на нашата компанија. Повеќе од 15 различни издавачки куќи се носители на авторски права на различни учебници кои ги откупува МОН“,
одговорија од „Арбериа десигн“.
За министерот за образование системот на ексклузивни права не е никаков проблем бидејќи сите издавачки куќи имале шанса да се изборат за ексклузивните права.
„Тие во одреден момент конкурирале, како и другите издавачки куќи, со својот учебник и нивниот учебник бил избран и бил одобрен за употреба. Сè додека конкретниот учебник е во употреба, ние како МОН сме принудени да пристапиме кон склучување годишни договори за набавување на тие учебници и дистрибуција до училиштата“,
вели министерот Адеми.
Сепак, тој вели дека во последната година успеале да договорат намалување на цените на учебниците чии права ги имаат издавачките куќи и тоа за околу 40%.
„За секој учебник што сме го обезбедиле и го набавуваме во целосен тираж, поради тоа што претходеше процес на корекција на истите, имаме 40% пониска цена од претходните години. А ваква постапка за обезбедување на учебниците е од 2009 па наваму, откако се воведе бесплатни учебници за сите ученици“,
додава Адеми.
Намалувањето на цената е добро за буџетот, но ја наметнува дилемата – со колкави маргини на профит досега работеле издавачките куќи? На ова прашање одговор дадоа само од „Арбериа десигн“.
„Како и секоја друга компанија, и ние си правиме наши пресметки, така што одговорот на ова прашање е исклучително внатрешна проблематика на компанијата, која би сакале така и да остане“,
велат од „Арбериа десигн“.
Од невладиниот сектор одамна предупредија дека целиот систем е лошо поставен бидејќи Министерството, наместо на тендер со повеќе конкуренти, мора да купи одреден учебник само од одредена издавачка куќа.
Додека нема промена, темата повторно и повторно ќе се враќа во јавноста. На пример, во годишниот извештај на ДУИ за 2015 година, „Арбериа десигн“ се појави како најголем поединечен донатор со 20.000 евра. Подоцнежно истражување на порталот „Призма“ покажа дека 93% од приходите на фирмата се од државни институции, предводени во најголем дел од кадри на ДУИ.
„Ако нема ништо спорно со донацијата, тогаш сè е регуларно“, ќе изјави тогаш главниот уредник на „Арбериа десигн“.
Денес министерот Арбер Адеми вели дека не е важно дали некоја од издавачките куќи финансира партиски кампањи.
„Јас не знам дека некоја од издавачките куќи е пријавена како донатор на одредена политичка партија, но и да е така, тоа мене како министер не ми значи ништо. Ја сум фокусиран да ја запазам законската постапка за набавување учебници за нашите деца, тоа што е предвидено со закон“,
изјави министерот за образование.
Дел од овие проблеми можеби ќе се решат со новиот закон за учебници. Сепак, во однос на ексклузивните права за учебниците, намерата на Министерството не е да ги укине, туку напротив, Владата да се откаже од правата и на оние учебници што сега ги поседува. Со тоа, државата смета дека повеќе нема да има ученици кои и на крајот на учебната година нема да имаат учебници. Дали ќе се најде фер систем тие да не чинат повеќе отколку што реално вредат, засега останува прашање без одговор.