Како дел од посетата предвидено е Пендаровски да го посети местото на автобуската несреќа на автопатот „Струма“ каде лани животот го загубија 45 македонски граѓани, а ќе се сретне и со бугарскиот колега, Радев и претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен
Претседателот Стево Пендаровски денеска е во работна посета на Софија на покана на неговиот бугарски колега, Румен Радев. Тој ќе присуствува на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија.
Како што соопшти кабинетот на Пендаровски, предвидено е тој да има билатерални средби со Радев и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Шефот на државата ќе положи и цвеќе на автопатот „Струма“ на местото на автобуската несреќа во која во ноември минатата година загинаа 45 македонски граѓани.
Гасниот интерконектор Грција – Бугарија (проект ИГБ) ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора. Имплементацијата на проектот има за цел да обезбеди диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.
Овој интерконектор за земјава има и дополнително значење, бидејќи ќе ни овозможи пристап и до складиштето за природен гас во Чилен во Бугарија, преку кој може да набавуваме ЛНГ (Liquified Natural Gas) од терминалот во грачкиот град Александрополис, а во текот на летото кога е поевтин и да го складираме во Бугарија, со можност да го користиме на зима кога е најпотребен.
На церемонијата, што ќе се одржи во Националната палата на културата во Софија, како што е најавено, ќе присуствуваат и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателите на Азербејџан и на Србија, Илхам Алијев и Александар Вучиќ и премиерите на Грција и на Романија, Киријакос Мицотакис и Николае-Јонел Чука.