Министерството за здравство од февруари годинава го укина буџетот за бесплатни прегледи и лабораториски прегледи во тек на бременост, поврзани со бременост, бесплатно породување за бремени жени, кои се надвор од систем на задолжително здравствено осигурување, од Програмата за активна здравствена заштита за мајките и децата, со образложение дека согласно законот сите граѓани имаат право на здравствено осигурување
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) бара од Министерството за здравство веднаш да усвои мерка и буџет за обезбедување бесплатна здравствена заштита за време на бременоста и при породувањето за сите жени без разлика на статусот на здравствено осигурување.
Ова е поттикнато од одлуката на Министерството за здравство од февруари годинава со која е укинат буџетот за бесплатни прегледи и лабораториски прегледи во тек на бременост, поврзани со бременост, бесплатно породување за бремени жени, кои се надвор од систем на задолжително здравствено осигурување, од Програмата за активна здравствена заштита за мајките и децата, со образложение дека согласно законот сите граѓани имаат право на здравствено осигурување.
Од Здружението ЕСЕ истакнуваат дека наодите од теренот укажуваат дека, иако законски сите имаат право да бидат опфатени со здравствено осигурување, граѓаните се соочуваат со реални проблеми кои им оневозможуваат да бидат здравствено осигурани. Една од причините е тоа што работодавачите не уплаќаат редовни придонеси за вработените.
Тие цитираат изјави на учеснички во мониторингот кои ги поткрепуваат тврдењата на Здружението.
„Немав здравствено осигурување четири месеци, затоа што фирмата каде што работев не ми платила придонеси, а потоа фирмата отиде во стечај. Поднесов пријава во трудовиот инспекторат и чекав 23 дена, дури потоа можев да добијам здравствено осигурување“,
вели 22-годишна жена од Делчево за ЕСЕ.
Друг пример, пак, илустрира како потребата од плаќање придонес за здравствено осигурување за невработени лица претставува пречка за обезбедување на здравствено осигурување.
„Шест месеци немав здравствено осигурување. Бевме осигурани врз основа на вработеност и јас и мојот сопруг, меѓутоа во исто време останавме без работа и јас си сопругот. Бидејќи имаме повеќе од 245 000 денари приход за ланската година, требаше да плаќаме 1 500 денари во Фондот. Ние немаме доволно пари и останавме без здравствено осигурување целото семејство“,
вели 40-годишна жена од Делчево.
Од Здружението ЕСЕ затоа потенцираат дека здравствената заштита за време на бременоста е од исклучително значење за здравјето на мајката и детето и мора да се спроведе во точно назначени временски периоди.
„Несоодветна здравствена заштита за време на бременоста и при породувањето може да резултира со нарушено здравје, па дури и смртен исход за мајките и новороденчињата“,
предупредуваат од ЕСЕ.