По прес-конференцијата на премиерот Ковачевски синоќа за одлуките на Економско-социјалниот совет на Владата за справување со енергетската криза, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека се работи за копија на планот што претходно го соопштил нивниот лидер
Таканаречените предлог-мерки во енергетиката на Христијан Мицкоски не се ништо друго освен сумбилат од досегашни изјави на премиерот Димитар Ковачевски за чекорите што се преземале и ќе се преземаат во енергетскиот сектор, реагираат денеска од СДСМ откако вчера од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека она што Ковачевски го соопшти како мерки за справување со енергетската криза синоќа е копија на планот на Мицкоски.
„Владата донесе конкретни мерки кои ќе значат сериозна помош за граѓаните, стопанството и останатите субјекти за полесно справување со последиците од светската енергетска криза. Мицкоски ќе остане запаметен како најнеуспешен директор на ЕСМ, како советник на Груевски за енергетика со кого заедно ја зголемија двојно цената на електрична енергија во време кога немаше никаква енергетска криза, а струјата на берзите беше далеку поевтина. Ако Мицкоски сака да помогне, нека разговара со своите пратеници за тие да престанат со опструкции и уште денеска во Собранието да бидат изгласани законите кои се потребни за непречено снабдување со енергенси“,
се вели во писмената реакција од СДСМ.
По прес-конференцијата на премиерот Ковачевски синоќа за одлуките на Економско-социјалниот совет на Владата за справување со енергетската криза, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека се работи за копија на планот што претходно го соопштил нивниот лидер.
Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на Мицкоски да ѝ ги стави на располагање на Владата контактите на неговата партија за набавка на поевтини енергенси, рече дека Мицкоски направил добар сублимат на она што досега е кажано.
„Владата донесе конкретни мерки и јас ги повикувам пратениците утре да ги изгласаат законите потребни за непречено снабдување со енергенси на граѓаните“,
додаде Ковачевски.
Ковачевски ги повика сите пратеници денеска, пред седницата за пратенички прашања, да ги изгласаат законите со кои овие мерки ќе можат да се спроведат.