Џафери не е надлежен за тоа што го прави, тој е надлежен само да ја прими, да види титулари, адресари, дали е тоа правилно, дали има минимум законски потписи и потоа да ја проследи до комисии
Политичката партија Левица денеска до Државната изборна комисија поднесе предлог за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум на референдумско прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, смета дека народот мора да го има последниот збор кога станува збор за прашања од национален интерес. Апасиев не очекува дека денеска поднесената иницијатива ќе има проблеми како што беше случај со претходната на ВМРО-ДПМНЕ.
„Иницијативата е правно коректно напишана согласно член 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните“,
рече Апасиев.
Левица очекува до крајот на неделата да бидат собрани законскиот минимум на потписи и затоа ги повика граѓаните да излезат и да го дадат својот потпис во оние 30 општини во кои се собираат, а кои од Левица ги имаат предложено.
„Очекуваме веќе следната недела иницијативата да ја пуштиме во собраниска процедура каде што би дошла на оние собраниски филтри без Талат Џафери да изигрува уставен судија“,
додаде Апасиев.
Тој се надева дека до крајот на оваа година ќе бидат собрани оние 150 000 потписи кои се потребни согласно законот.
На прашањето дали очекува претседателот на собранието Талат Џафери да ја прогласи и оваа иницијатива за неуставна, Апасиев рече дека такво нешто не очекува затоа што тој нема такви ингеренции.
„Доколку во некое сценарио тоа се случи, ние најавивме дека целосно ќе го блокираме собранието и мислам дека тој нема да се дрзне да го направи тоа. Ќе видиме, затоа што не можеме да претпоставиме, тој силеџиски ги толкува и Уставот и Деловникот. Тој не е надлежен за тоа што го прави, тој е надлежен само да ја прими, да види титулари, адресари, дали е тоа правилно, дали има минимум законски потписи и потоа ја проследува до комисии. Тој не е надлежен да се впушта во оцена на материјалното на прашањето, но дури и да го направи тоа, прашањето е така интелигентно срочено што го следи примерот од Преспанскиот договор“,
нагласи Апасиев.
Апасиев, исто така, рече дека ако успее референдумот Собранието има обврска во рок од 60 дена да ги приспособи правните акти согласно волјата и тоа би значело промена на заклучоците.
„Бидејќи во целите заклучоци спорни се две точки, тоа е точката 1 и точката 3-г, каде што се вметнати францускиот предлог и преговарачката рамка, тоа практично би значело дека од ЕУ ќе се очекува нова преговарачка рамка без бугарските барања кои се инкорпорирани внатре. Тоа значи дека референдумот не е анти ЕУ туку бојкотот на референдумот или недавањето да се случи референдум е чин на анти ЕУ бидејќи демократското изјаснување на граѓаните не може да биде анти ЕУ“,
потенцираше Апасиев.
Околу поддршката на референдумот, Апасиев рече дека засега не разговарале со ниту една партија, меѓутоа очекува поддршка од сите антивладини, односно опозициски партии, а доколку е потребно рече дека би седнале и официјално би разговарале.