Мала предност на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев има подобар личен рејтинг од Христијан Мицкоски, граѓаните очекуваат од партиите повеќе да зборуваат за економскиот развој за сметка на ЕУ-интеграцијата, која сепак сè уште ужива висока поддршка… Ова се дел од наодите во анкетата на ИРИ – Меѓународниот републикански институт од САД, спроведена од БРИМА, теренски со методот лице в лице, на 1 222 испитаници во периодот од 30 јануари до 10 февруари оваа година.
За една и пол година значајно се зголемил процентот на граѓани кои сметаат дека земјава се движи во погрешна насока: 43 отсто од испитаниците одговориле така сега, во споредба со 30 проценти во јули 2018 година. Логично, се намалил процентот на оние што сметаат дека државата оди во вистинска насока – од 37 во 2018 на 23 во 2020.
„Имаме пад на бројката на луѓето што сметаат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ во наредните 5 години за 7 проценти, а наспроти тоа се качува бројот на луѓето што сметаат дека тоа ќе биде за 10 години на 7 проценти. Сето тоа влијае граѓаните да сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока и бараат од тој аспект политичарите помалку да се фокусираат на ЕУ, а повеќе да се фокусираат на економските проблеми. Економските проблеми, континуирано во изминатите три децении, се први на листата што ги наведуваат граѓаните. Во контекст на 3 децении, тие се намалени значително, но граѓаните сметаат дека на тоа треба да се фокусираат Владата и политичките елити“,
вели за „360 степени“ Илина Мангова, заменик-директорката на ИРИ за земјава.
Секој четврти одговорил дека во наредните 2 години економијата ќе се подобри. Во 2018-та секој трети мислел така.
„Луѓето бараат политичките партии да се фокусираат на она што се вистински проблеми на граѓаните и на обичниот народ – вработувања, подобар стандард, јавни услуги. Сметаме дека ова е порака политичките партии да почнат да го менуваат јавниот дискурс, да се намали поларизацијата и поделбите во општеството, да не се фокусираат едни на други, туку повеќе кон граѓаните и исполнување на нивните потреби“,
смета Мангова.
Но, анкетата покажува дека неповолните општи трендови за власта, опозицијата не успева да ги капитализира во поддршка за себе. Во партиските рејтинзи, СДСМ има еден процентен поен предност пред ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето за кого би гласале ако оваа недела се одржат изборите – 17 отсто рекле за СДСМ, 16 за ВМРО-ДПМНЕ. За ДУИ се изјасниле 7 отсто, 5 за Алијанса за Албанците, 4 проценти за Беса, партијата со која социјалдемократите договорија предизборна коалиција.
Лидерот на СДСМ има подобар рејтинг од оној на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ. Осумнаесет проценти се изјасниле многу поволно за Зоран Заев, а 10 проценти за Христијан Мицкоски. Триесет и пет отсто од прашаните имале многу лош став за Заев, а дури 45 отсто за Мицкоски. Испитаниците сметаат дека СДСМ подобро би се справил со проблемите во животната средина, поддршка на младите и на жените, борба против корупција, раст на економијата.
Во однос на самиот изборен процес, 22 проценти со сигурност рекле дека има услови за фер избори, а 33 отсто дека најверојатно има услови за фер избори. Наспроти овие бројки, се оние за излезеноста на изборите.
„Она што очекуваме во врска со изборите е дека делумно и разочарувањето што стигна со недобивањето датум за преговори го намалува ентузијазмот на граѓаните во врска со овие избори и сметаме дека ќе ги има веројатно еден од најниските одзиви во скорешната историја на парламентарни избори. Може се блиски резултатите на главните политички опоненти, така што од нивна страна, голема ќе биде мотивацијата да ги поттикнат гласачите да излезат и да гласаат. Нормално, може да се предизвика поголема мобилизација, но луѓето навистина очекуваат да видат некои поголеми резултати од сите политички партии со цел да ја стекнат довербата и да излезат да гласаат“,
вели Мангова.
На прашањето дали Зоран Заев како премиер ја вршел работат доволно добро за да биде реизбран – 31 процент одговориле „да“, 54 рекле „не“. Наспроти перцепцијата дека Владата е транспарентна, во анкетата дури 52 отсто рекле дека е нетранспарентна, додека 31 одговориле дека е транспарентна. Пред една и пол година ситуацијата била спротивна – 32 отсто се изјасниле дека не е транспарентна, а 51 дека е.
„Има голема диференцираност во медиумскиот простор, додека претходно доминираат исти пораки кај поголем број медиуми, сега можете да видите дека различни медиуми на различен начин ги пренесуваат пораките. Оттаму е многу потешко, во ваков послободен медиумски простор, за која било политичка елита нејзината порака да стигне до јавноста. Оценуваме дека се јасни голем број резултати во однос на транспарентноста што беа направени во овој период, но во големиот и богат медиумски простор тие факти не стигаат целосно до јавноста“,
изјавува Мангова.
Она што можеби треба најмногу да ги загрижи сите се одговорите на две други прашања во анкетата на ИРИ.
Дали некој од домаќинството емигрирал или е на работа во странство – дури половина од испитаниците одговориле потврдно. Високи 16 отсто рекле дека тоа се случило во последната година. На прашањето, пак, дали мислат дека оваа генерација млади луѓе има иднина во нашата земја, повеќе од ¾ од испитаниците или 77 отсто одговориле – „не“.