Доколку успееме да заштедиме до пет проценти во деловите што се поддршка на установите, како на пример, ноќно осветлување на објектите и парковите, тогаш ќе оствариме минимална заштеда во целосниот систем, вели министерот

Пред две недели е пуштен допис до сите јавни здравствени установи да се погрижат за минимална заштеда на електрична енергија. И оваа година здравството ќе функционира како што тоа било и во изминативе 30 години и нема да се соочиме воопшто со недостиг на електрична или, пак, топлинска енергија, уверуваше министерот за здравство Беким Сали на денешното примопредавање на донација од „Исламик релиф“ на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија.
„Доколку успееме да заштедиме до пет проценти, не во виталниот дел, туку во деловите што се поддршка, како на пример, ноќно осветлување на објектите, парковите, тогаш ќе оствариме минимална заштеда во целосниот систем“,
изјави министерот.
Д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија, очекува да добијат доволно средства од Фондот за здравство и очекува помош од сите институции.
„Треба да преговарам со Фондот за здравство, за да можеме да добиеме дополнителни средства. На помош треба да излезат сите институции, затоа што се работи за пациенти и за нивниот живот. Клиниката е во долгови, а сметките за струја се општи со сите интерни клиники, така што не ја знаеме точната сума за нашата клиника, бидејќи се делат процентуално заедничките трошоци“,
додаде д-р Докиќ.
Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје денеска доби донација од 150 нови кислородни концентратори. Донацијата е од „Исламик релиф“ од Соединетите Американски Држави, а локален партнер на проектот е хуманитарната организација „Класеј на добрината“. 70 од овие концентратори ќе бидат дистрибуирани на универзитетските клиники, а останатите во другите јавни здравствени установи.