Граѓаните и 70 илјади компании од регулираниот пазар, уверува вицепремиерот, не треба да стравуваат за електрична енергија до март идната година, бидејќи се обезбедени суровини за доволно производство на електрична енергија. Она што преостанува, додава Битиќи, е делот на слободниот пазар во којшто рековме дека како Влада ќе интервенираме и ќе излеземе во пресрет
Наредната недела е клучна за да се знае и да пресечеме од каде ќе се осигура електрична енергија во земјава, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, додавајќи оти се прават напори да се ослободат одредени прекугранични капацитети за пренос на електричната енергија.

Во однос на тоа дали е голема разликата во цената што ние ја нудиме за откуп на електрична енергија и цената што Бугарија ја бара од нас за извоз на струја, Битиќи рече дека во преговорите мора да има разлики, но уште еднаш нагласи дека следната недела е клучна за да се знае од каде ќе се обезбеди електрична енергија.
„Состаноците физички не се одржини, а контакти се одржуваат секојдневно и со Бугарија и со Србија и Турција и тие ќе продолжат и наредните денови. Во преговорите мора да има разлики, инаку не би ни имало преговори. Сметам дека наредната недела е клучна за да се знае и да пресечеме од каде ќе се осигура електрична енергија“,
кажа Битиќи.
Граѓаните и 70 илјади компании од регулираниот пазар, уверува вицепремиерот, не треба да стравуваат за електрична енергија до март идната година, бидејќи се обезбедени суровини за доволно производство на електрична енергија.
Она што преостанува, додава Битиќи, е делот на слободниот пазар во којшто рековме дека ќе интервенираме како Влада, иако не е својствено.
„Кога имате либерализиран пазар не е својствено да интервенирате, но како што секогаш сме кажале дека ќе излеземе во пресрет. Се обидуваме да најдеме суровини за производство на дополнителни количества електрична енергија која што би му се дала на стопанството по цена која што е секако пониска од онаа на берзата. И ако можеме да најдеме одредени количини на електрична енергија која што можеме да ја увеземе за потребите на стопанството“,
истакна Битиќи.
Во таа насока, вицепремиерот додава дека постојат позитивни сигнали, а дека наредната недела ќе има конкретни сознанија што е тоа што Владата може да го понудиме на стопанството.
Дополнителната количина електрична енергија која што би му се дала на стопанството по цена понисна од берзанстската, според Битиќи, може да се третира како евтина цена.
„Имаме ситуации кога цените одат до 1 000 евра по мегават и ако се понуди цена од 300 евра, тоа е навистина евтино зашто е помалку од една третина од цената на електричната енергија. Знам дека капацитетот на стопанството понекогаш не е толку подготвен да го плати, но се обидуваме да им обезбедиме. Ова се времиња на преживување. Со нив сме во секојдневен контакт, со повеќето од претставниците на членките или компаниите на слободниот пазар и следната недела ќе имаме јасна слика што е тоа што ќе го понудиме“,
изјави Битиќи.