За утре е предвидено премиерот да се обрати на состанок по повод 30 години од Декларација за малцинските права, а на 24 септември ќе говори на генералната дебата на Генералното собрание на ОН

Трансформативни решенија на испреплетени предизвици, гласи насловната тема на генералната дебата на 77-то генерално собрание на Обединетите нации, којашто започна денеска, а на отворањето присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски.

Фокусот на генералната дебата ќе биде на решенија кои земјите ќе ги изнајдат преку солидарност, одржливост и наука. Генералното собрание го отвори генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кој повика на заедничко делување на земјите-членки и на дијалог којшто е единствен начин за да може да има понатамошен развој.
Покрај Ковачевски, на отворањето присуствуваа лидерите и делегатите од сите членки на ОН, а попладнево се предвидени и други активности.
Непосредно пред почетокот на Генералното собрание, пак, премиерот имал неформална средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Пред почетокот на 77-то Генерално собрание на ОН во Њујорк, со претедателот Александар Вучиќ поразговаравме за тоа колку е значајно што сме и тука заедно да ги застапуваме позициите и на нашите држави поединечно но и на регионот. Добрососедството и регионалната соработка се добра основа за развој“,
напиша Ковачевски.
За разговорот со слична порака се огласи и Вучиќ.
„За нас е исклучително важно да бидеме денес во Њујорк, не само затоа што светот се наоѓа во преломни времиња во модерната историја, туку и затоа што долго време немаше толку многу шефови на држави и претставници на земји членки во Собранието на ОН“,
објави Вучиќ на за разговорот со Ковачевски.
Двајцата заедно со нивните колеги од останатите земји од Западен Балкан попладнево имаат и работен ручек организиран од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
Премиерот, заедно со неговите колеги од земјите од Западен Балкан имаат работен ручек организиран од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
„За утре е предвидено претседателот на Владата Димитар Ковачевски да се обрати на состанок по повод 30 години од Декларација за малцинските права, а на 24 септември ќе говори на Генералната дебата на Генералното собрание на ОН. Премиерот Ковачевски во рамките на посетата на Њујорк ќе има и неколку билатерални средби и предавање на Универзитетот Колумбија“,
велат од Владата.
Дел од нашата делегација што ја предводи Ковачевски во Њујорк се и шефот на дипломатијата Бујар Османи, постојниот претставник на Република Северна Македонија во ОН Љубомир Фрчковски, како и советникот за надворешни работи на премиерот, Едмонд Адеми.