Две третини од основците во Швајцарија продолжуваат во дуално образование, што значи учење и работа во струка уште од 15-годишна возраст. Придобивките се повеќеслојни: учениците добиваат перспектива за работа, компаниите млад, квалификуван кадар, а државата има само 2,5 проценти младинска невработеност што го прави швајцарскиот модел пример од кој може да се учи. Погледнете го видеото во продолжение
Берн, Швајцарија – град во кој Алберт Ајнштајн ја развил Теоријата за релативноста. Овде минатата недела сите патишта водеа кон саемот посветен на стручните вештини во Швајцарија. А до тие вештини, преку тамошниот образовен систем, се стигнува од рана возраст.
По завршување на основното образование, децата веднаш избираат професија и од 15 години учат за ковачи, машиновозачи, механичари, фризери, хемичари, гипсари, којунџии, мајстори за пијано итн. На саемот беа претставени 150 струки од кои дел се натпреваруваа за титулата „швајцарски шампион“, а останатите млади професионалци за подмладите од нив ги презентираа своите вештини во живо.
Софи Шумахер се натпреварува во поправка на автомобил. Со ова занимање се запознала преку нејзиниот татко-автомеханичар, но отишла и чекор понапред, па изучила за механичарка за камиони.
„Понекогаш работев со татко ми и навистина ми се допаѓаше тоа. На почетокот учев нешто друго, но не ми се допаѓаше многу. Потоа, почнав да барам пракса за автомеханичар, но не ми се допадна и таму многу. Имав познаник што работи во салон за камиони и тој кажа дека бараат практикант и ме поканија. Кога видов, ми се допадна и учев четири години за тоа“,
ни раскажа Софи Шумахер, која е механичарка за камиони.

Леонардо, пак, паралелно учи и работи во компанија за техничка изолација. Додека неговите колеги се натпреваруваа, тој ја презентираше професијата.
„Највозбудлив дел од оваа работа е кога можам да работам со материјали. Ми се допаѓа овој дел од работењето. Може да кажеме дека е лесно, а е убава работа“,
вели тој.
Само еден ден неделно оди во училиште, а останатите четири со полно работно време е практикант во компанија, за што добива и месечна плата.
„Бидејќи сум само втора година, имам помала плата за разлика од останатите работниците, но платата не е лоша, добра е“,
вели Лемос кој по професија е техничар за изолација.

Опцијата за паралелно учење и работа е поставена системски. Постои и национална експертска организација која специјално ги обучува наставниците за предавања во стручни училишта, го истражува пазарот, ги поставуваат стандардите за квалификација итн.
„Федералната држава е одговорна за признавање на сите 250 професии во Швајцарија. 26-те кантони на регионално ниво се одговорни за имплементација на стручно образование и обука, за училиштата и за кариерните советници што ги насочуваат младите ученици. И последни, но не и помалку важни се професионaлните здруженија, за кои е важно да се потенцира дека тие, бизнисот, имаат водечка улога во дефинирањето на содржините на обуката и компетенциите за секоја професија“,
вели Ерик Сварс од Швајцарски федерален универзитет за стручно образование и обука.

Вакватa поставеност го прави дуалното образование атрактивно, но и скапо. Државата има само 10 отсто трошок за целиот процес, кантоните околу 30, а најголемиот дел – 60 проценти од трошоците се на товар на компаниите кои ги плаќаат практикантите и им обезбедуваат услови за работа. И не добиваат никакви субвенции од државата за тоа. Тоа е влог во нивната мисијата да продуцираат свој стручен кадар.
„Кога ќе кажеме текстил, луѓето секогаш помислуваат на облека, но текстилот е многу повеќе од тоа. Текстил е и ова, текстил е и тепихот, се што е во автомобил или во куќа, во авион. Текстилот е секаде и ние сакаме да го покажеме тоа. Ни требаат добри, обучени работници кои знаат што е текстил и што можеме да направиме од текстил“,
објаснува Мајкл Бергер од швајцарската Асоцијација на текстилни компании.

„Секоја година се запишуваат по илјада ученици во земјоделски струки и го почнуваат своето образование. Тоа е, помалку или повеќе, бројот што ни треба, имаме добар баланс во моментов“,
вели Петра Зигарт од Асоцијацијата на фармери.

Младите земјоделци се најмногу ден и пол во училишна клупа, а останатото време на фарма. Професијата не е меѓу најдобро платените и ја избираат само оние што навистина ја сакаат оваа работа.
„Треба да се храни светот, треба да ја нахраниме Швајцарија и што правиме ние – произведуваме храна. Затоа, ни требаат фарми и ни требаат професионалци што ќе менаџираат со фармите и затоа ни требаат овие луѓе и правиме се за да имаме доволен број од нив и да имаат најдобро образование што може. Работиме на тоа“,
појасни Зигарт.

За некои професии не може се да се научи во една фирма. На пример, не секоја пекара ги произведува сите пецива и слатки што би требало да знае да ги прави секој иден пекар. Затоа, во Швајцарија постојат и стручни центри за обука, каде се усовршува зададениот професионален стандард.
„Многу луѓе мислат дека со оваа професија се станува само рано, но ние секогаш им кажуваме дека многу пекари почнуваат со работа денски, не мора секој да станува многу рано наутро. Младите секогаш си го поставуваат тоа прашање“,
вели Урс Ротлин, кој е професионален пекар и тренер во центар на обука.
Ротлин ја усовршил струката и теоретски и практично, и во центар за обука. Сега, освен што е професионален пекар, знаењето го пренесува и како тренер и предавач.
„После работниот ден можете да застанете пред вашата продавница и да видите што сте направиле дента. Огромен надоместок за работата е кога може да ги видите убавите производи што сте ги направиле и како вечерта потрошувачите ги купуваат и се задоволни“,
раскажува тој.

За изборот на професија, што се случува на 14-годишна возраст, покрај кариерните советници во основните училишта, огромна улога играат и родителите.
„За мене најважно е моите деца да го прават она што го сакаат, каде што е нивнта страст. Во Швајцарија имаме широк спектар на стручно усовршување. На универзитет се оди ако сакате да станете доктор, но имаме многу индустрии, како машинската, каде имаме многу добра обука и ги охрабрувам младите да почнат со дуално образование, па понатаму може да се доедуцираат“,
вели Тобиас Мосер.

За оние што по дуалното образование одлучуваат да се доусовршат, постојат образовни скалила од две или повеќе години. Реми Едереро завршил дуално образование и сега се доедуцира во инженерството. Истовремено, отворил и микро -фирма, а олеснителна околност му било запознавањето со струката од рана возраст.
„Во Швајцарија најчесто се избира дуалното образование со практична обука т.е да се работи и да се учи истовремено. Гледаме дека најчесто тоа е најдобриот избор за индивидуално претприемништво. Кога одев на пракса, игравме мала игра, во која се обидувавме да погодуваме како најдобро може да се развие една инженерска кариера – да се избере школо или практично? И секогаш точно погодувавме. Секогаш воочувавме дека има голема разлика. Преку пракса луѓето повеќе се поврзуваат со професијата“,
вели Реми Ередеро – техничар – инженер.

И Филип Јованов, Македонец роден во Швајцарија, најпрво се остручил како водоинсталатер. Откако две години работел во струката, одлучил да се доусоврши уште две години за да се стекне со звање проектант.
„Јас мислам не е важно да земаш многу дипломи, важно е да го работиш тоа што го сакаш, што ти се допаѓа. Сега која професија и да ја избереш некогаш е потешко или полесно е да се најде работа. За мојата работа е лесно да се најде нешто, оти работам за куќи, технички работи“,
вели тој.

Јованов освои бронзен медал во својата струка и стана еден од годинашните шампиони на „Swiss Skills“. На посебна церемонија, шест децении наназад, Швајцарија ги избира најдобрите со доделување златен, сребрен и бронзен медал во секоја од професиите што покрај за учество на саем се пријавуваат и за натпревар.

Кај секој млад професионалец, номинацијата на Swiss Skills беше од посебна важност, а настанот се пренесуваше и во живо.

Посетата на саемот ја организираше проектот „Образование за вработување“, кој ги поддржува реформите во стручното образование во Република Северна Македонија, со помош од швајцарската влада.

Ивана Георгиевска, експерт за стручно образование и обука, вели дека со воведување на дуалните паралелки од минатата година и во нашата земја има поместувања во стручното образование.

Ќе следуваат и законски измени, но најважно од се е да се зајакне соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, што е клуч за успех како швајцарскиот, вели таа.
„Ова е правецот во кој треба да се движиме и да го зајакнуваме. Ние, во овој момент, не можеме да речеме дека целосно го дефиниравме овој модел. Ние почнуваме да го воспоставуваме. Само низ пракса и реализација може да увидиме што функционира, тоа да го зајакнуваме, тоа што недоволно функционира да го подобруваме. Меѓутоа, за ова, како што кажав на самиот почеток, е нужна посветеност од сите страни – и јавниот сектор и приватниот сектор да се посветат, за работите да функционираат и да ги дадат резултатите во однос на работната сила која што сакаме да ја устручуваме за во иднина и идните граѓани“,
порачува Георгиевска, која е раководителка за стручно образование и обука во е4е@mk.

Поради спецификите во секоја земја, швајцарскиот модел на дуално образование не може целосно да се преслика. Но, може да служи за пример.
Две третини од овдешните основци продолжуваат во дуално образование. Придобивките од ваквите одлуки се повеќеслојни: учениците добиваат перспектива за работа, компаниите млад, квалификуван кадар, а државата има само 2, 5 проценти младинска невработеност што го прави швајцарскиот модел пример од кој може да се учи.