Стопанската комора бара помош од државата за спас на домашните компании кои трпат штети поради рестриктивните мерки за превенција од коронавирусот.
„Македонското стопанство се наоѓа пред најголемиот предизвик досега“, изјави за МИА претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески и потенцира дека неопходно е Владата да донесе мерки за намалување на штетите врз економијата, но и компаниите да бидат реални во своите барања.
“Не може да се очекува дека никој нема да биде оштетен во текот на расчистувањето на состојбите. Тоа значи дека степенот на барањата на компаниите и реалната можност на државата да одговори на нив треба да бидат избалансирани и со упорни преговори да се приближуваат ставовите. Искуствата од досегашните кризи низ кои сме поминале зборуваат дека мора да се спасат компаниите зашто со тоа се спасува државата. Сведоци сме дека во целиот свет се истураат милиони и милијарди за спас на компаниите и затоа ја охрабруваме Владата тоа да го има предвид“,
вели Азески.
Азески додава и дека во овој момент е важно да функционира транзитниот сообраќај низ Словенија и Хрватска, бидејќи како што вели е од огромна важност за македонската економија и затоа мора да се направи сé тој коридор да се одржува во кондиција ако не сакаме да имаме брз колапс на економијата. Притоа, мора да се разграничи дека постои разлика во забраните за лицата и за стоките зашто вели се создаваат забуни кои имаат сериозен одраз на терен.