Директорот на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, вели дека компанијата не може од фирмите што набавуваат јаглен да бара да имаат искуство во областа бидејки така, според него, ќе се ограничи можноста за вклучување на компании што можат побрзо да набават јаглен. Тој во гостувањето во емисијата „360 Степени“ рече дека колку повеќе услови се поставуваат во јавните набавки, толку повеќе се намалува конкурентноста.
Ова е дел од одговорот на Ковачевски на серија прашања поврзани со истражувањето на „Призма“ кое откри дека ист газда на две фирми, извесен 45-годишен тетовец Аљибер Ибраими, увезува јаглен за РЕК Битола. И во двете фирми тој има бизнис партнери Македонци, а компаниите се отворени на денот на распишување на повикот и додека траел повикот. Според пишувањето на „Призма“, првата компанија „Куантум Солушнс“ е регистрирана на 31 март годинава, односно, на денот кога ЕСМ го распишала јавниот повик за јаглен, а во сопствеништвото на фирмата влегол и извесен Лазар Кимов. Втората компанија „Енергија икс“ Ибраими ја поседува заедно со бизнис-партнерка од Скопје, извесна Ана Христовска, а фирмата почнала со работа на 5 мај, кога повикот веќе течел.
Двете компании заедно треба да увезат 150 илјади тони јаглен од Албанија и Грција за потребите на ЕСМ за околу девет и пол милиони евра.
Ковачевски сега вели дека понудите на овие две компании биле технички исправни и со најниски цени.
„Дали таа компанија или двете компании ние требаше да ги одбиеме? Зошто? Затоа што биле скоро регистрирани. Еве, тие компании откако се склучи договорот до денес, секој ден испорачуваат јаглен согласно планот за динамичка испорака, со квалитет што го понудија и следствено на тоа го исполнуваат договорот. Ако постапевме поинаку, јас денеска ќе носев одговорност заедно со цел тим што ги носи тие одлуки“,
вели Ковачевски.
Слична е формулата и со фирмата што увезува мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“ и БЕГ – „РКМ“, каде сопственикот Ратко Капушевски од крајот на август доби партнер – Ерџан Сулкоски, бизнисмен од Кичево, сопственик на „Пацифик Петролеум“, бизнис-партнер на „Пуцко Петрол“, која е во сопственост на семејството Јахоски, чиј најистакнат член е пратеник на ДУИ, Исмаил Јахоски. На забелешката на новинарот дека „ова неподносливо мириса на ‘Едно општество за сите’“, директорот Ковачевски одговори:

„Видете, ние имаме комисија за јавни набавки, имаме одговорни лица, Управен одбор и, на крајот, јас како директор. Но, ние не сме истражен орган. Доколку, за која било јавна набавка економскиот оператор што доставил понуда ги исполнува сите критериуми и сите услови согласно Законот за јавни набавки, ние мора да ги прифатиме тие понуди. Во спротивно, ние правиме прекршок. И сега се поставува прашањето кој ќе ја понесе одговорноста доколку некого елеминираме поради сопственичка структура, паради одредени личности, дали се тоа политички личности или бизнис интереси… За тоа има истражни органи“,
вели Ковачевски.
Законот за јавни набавки ѝ дозволува на ЕСМ да набавува гориво за производство на енергија со директни договори, без објавување повици во јавноста. Ковачевски вели дека заради транспарентност и конкурентност компанијата одлучила да не ги користи тие можности на законот.

„Користиме само една можност. Објавуваме јавен оглас и пуштаме покани, на пример, за мазут до сите компании што поседуваат лиценци. Кога објавуваме за електрична енергија, со сите трговци што имаат лиценци. Што се однесува до набавката на јагленот, објавуваме транспарентно во медиуми, во печатени медиуми, на веб-страницата и испраќаме покани до сите досегашни добавувачи на јаглен дека до тој и тој ден има отворен повик – во рок од 60, 90 дена. Овој повик е 365 дена. Кој кога ќе створи услови, ќе обезбеди јаглен, кој јаглен ги исполнува техничките услови што се поставени во тендерската документација, кој јаглен може да се испорача во термоелектраните ‘Битола’ и ‘Осломеј’, за кој јаглен има најповолна цена од останатите и за таа понудата добавувачот доставува банкарска гаранција за сериозност на понудата, а потоа и уште една банкарска гаранција за исполнување на договорот“,
појаснува Ковачевски.