ЕСМ планира да го рестартира третиот блок во РЕК „Битола“ на 1 ноември за што е купен нов трансформатор од фирма од Бугарија по цена од околу 6,5 милиони евра додека трансформаторот што беше оштетен лани во ноември е на сервис во Белград
Генералниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, зборувајќи за енергетската криза и можноста за рестрикции на електричната енергија, рече дека тоа не е опција за ЕСМ и за Владата. Според Ковачевски, ЕСМ – акционерско друштво во државна сопственост во чиј домен е производството на струја, вели дека компанијата со која раководи интензивно се подготвува за зголемување на домашното производство со што би ги покриле потребните количини за домаќинствата и малите потрошувачи.
„За рестрикциите кои се најавувани и минатата година, а ги немаше, иако дел од т.н. експерти за енергетика и дел од политичките партии предвидуваа црни сценарија, на крај, ние минатата грејна сезона успешно се справивме со енергетската криза. Сега, исто така, дополнително се подготвуваме, зашто сите најави, изјавите на сите лидери во Европа и глобално, предвидуваат дека зимата што претстои ќе биде една од најтешките во изминатите 70 години. Токму затоа дополнителен мотив и за нас во ЕСМ и за другите енергетски компании, но пред се за Владата е, прво, да се обезбедат ресурси доволни за производство на електрична енергија, второ – да имаме доволно количество на електрична енергија без рестрикции, но и да се внимава на цената. Сега имаме регулирана цена до крајот на годината, а во декември треба да се определи цената за наредните шест месеци“,
изјави Ковачевски.

Ковачевски вели дека ЕСМ прави подготовки за да се донесат дополнителни количини електрична енергија и за слободниот пазар на кој струја набавуваат јавните институции и дел од стопанството.
На прашање за рестартирањето на третиот блок во РЕК „Битола“, кој е вон функција откако во ноември минатата година изгоре трансформаторот, Ковачевски одговори дека плановите се тој повторно да се стави се активира од 1 ноември годинава. Притоа, директорот на ЕСМ беше прашан – зошто Електрани неодамна набавиле нов трансформатор од фирма од Бугарија по цена од околу 6,5 милиони евра во време кога оштетениот трансформатор е на поправка во Белград.
„Тој трансформатор се обидовме да го ставиме уште еднаш во фунцкија, стартувавме на 9 јануари, но се покажа дека не сме успеале доволно да го поправиме и повторно беше побарано да се сервисира во овластен сервис за трансформатори. Сервисирање значи 12-18 месеци рок на поправка, додека пак испорака на нов е од 12 до 24 месеци. Оштетениот трансформатор и другите во ‘РЕК Битола’ се произведени во осумдесетите, за жал, немаме резервен, па затоа со ангажман на компанија што го поправа во Белград, нашиот трансформатор успешно е транспортиран таму и веќе трае процедурата на поправка. Заради безбедност и гаранција направивме и друга постапка, за набавка на нов трансформатор кој ќе стигне побрзо од сервисирањето на старите“,
изјави Ковачевски.
Според него, доколку не бил обезбеден нов трансформатор, немало да може на време да се рестартира третиот блок во РЕК Битола, а со тоа, нема да има ни доволно производство на електрична енергија, со оглед на задачите од Владата – ЕСМ да го зголеми производството за 20% од основниот план и да обезбеди 100% од струјата за регулираниот пазар на кој се домаќинствата и малите потрошувачи.
Директорот на ЕСМ порача дека сите треба да штедат електрична енергија, бидејќи на тој начин ќе му се помогне на ЕСМ со тоа што заштедата ќе може да се користи кога ќе биде многу најпотребна во текот на зимата, а така ќе штадат и домаќинствата.