Од македонското министерство за надворешни работи преку соопштение информираат дека на оваа седница членовите на Комисијата за историски и образовни прашања разговарале за учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев
Дводневната средба на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања заврши без постигнати конкретни договори.
Од македонското министерство за надворешни работи преку соопштение информираат дека на оваа седница членовите на Комисијата за историски и образовни прашања разговараа за учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.
„Вчера и денес Комисијата за историски и образовни прашања ја одржа својата 20 седница. Врз основа на претходно утврден дневен ред членовите на Комисијата разговараа за учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев. Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година“,
се вели во соопштението од МНР.
Во телевизиска изјава членови на бугарската комисија, по завршување на седница, рекоа дека на средбата се разговарало за повеќе теми, но дека не е постигнат договор.
На средбата овие два дена во Скопје, во македонскиот тим се приклучи Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја, кој доаѓа на местото на Ванчо Ѓоргиев, кој лани ја напушти Комисијата.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на 15 август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓоргиев по објавата на препораките, на прес-конференција говорејќи во однос на учебниците, појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, и кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии, омраза итн. Ѓоргиев оцени дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата и нагласи дека по секоја цена нема да се носат решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија.