Новиот британски монарх го имаше неговото прво обраќање до нацијата, во кое се заблагодари на својата мајка и вети посветеност на својата нова улога
Ден по смртта на британската кралица Елизабета, денешниот ден беше емотивен за многумина. Улиците и парковите околу Бакингемската палата, замокот Виндзор и Балморал, се преполни граѓани кои оставаат цвеќиња и писма со сочувство.
Црковните ѕвона биеја во чест на починатиот суверен, додека беа испукани и 96 плотуни, онолку колку што имаше години кралицата.
Кралот Чарлс Трети се врати во Лондон од Балморал, поздравувајќи ги добронамерниците пред Бакингемската палата.
Новиот британски монарх ја имаше својата прва лична аудиенција со премиерката Лиз Трус во палатата, но она што беше поважно за јавноста беше неговото прво обраќање до нацијата, во кое кралот се заблагодари на својата мајка и вети посветеност на својата нова улога.
Во меѓувреме, политичари и други јавни личности се собраа на служба на молитва во лондонската катедрала Сент Пол во знак на сеќавање на кралицата.
Покрај премиерот и министрите во британската Блада, на службата присуствуваа и околу 2 000 граѓани.
На почетокот на службата, публиката во аудиоформат го слушаше првото обраќање на новиот британски крал Чарлс.
Службата заврши со интонирање на химната „Боже чувај го кралот“, што беше прва официјална интерпретација на овие зборови на националната химна, по 70-годишното владеење на кралицата Елизабета Втора. Во химната се сменети зборовите, од „кралица“ во „крал“ за да го одбележи стапувањето на тронот на кралот Чарлс Трети.
И во голем број градови во светот може да с евиди истата слика, каде граѓани и оддаваат последна почит на Елизабета.
Што ќе се случува утре?
Според протоколот, во 10:00 часот по локално време Чарлс ќе биде официјално прогласен за крал на состанокот на Советот за пристапување во палатата Сент Џејмс во Лондон, на кој ќе присуствува и неговиот син, принцот Вилијам.
Во 11:00 часот, по состанокот на Советот за пристапување, од балконот ќе се прочита Основниот проглас со која се објавува Чарлс за суверен. Во 12:00 часот , истиот проглас ќе биде прочитан на Кралската берза во Сити Лондон, а потоа напладне во недела во Шкотска, Северна Ирска и Велс.
Знамињата ќе се вратат целосно на јарболите во рок од 26 часа за да го одбележат новиот монарх по прогласувањето во Лондон. Потоа тие ќе се вратат на половина копје во периодот на национална жалост.
Помеѓу 14:00 и 22:00 часот Парламентот ќе се собере за пратениците да ѝ оддадат почит на починатата кралица.