Петмина од новите регистрирани се од Дебар и сите се со лесна клиничка слика. Медицинските лица од Дебар што се тестираа се негативни на коронавирус
Шестата новозаразена е од Скопје и таа доцна синоќа се вратила од Шпанија
Министерот за здравство Венко Филипче објави дека шестмина од 12 тестирани денеска се позитивни на тестот на коронавирус. Со тоа бројот на регистрирани случаи се искачи на 19, од кои една пациентка е веќе излечена.
Петмина од новозаразените се од Дебар. Според Филипче, сите тие се со лесна клиничка слика и нема да бидат транспортирани во Скопје. Тие ќе продолжат да се лекуваат во дебарската болница, каде ќе биде испратен уште еден инфектолог од скопската универзитетска клиника. Сите новозаразени се поврзани со веќе хоспитализирани лица од Дебар.
Шестиот нов заразен со коронавирус е патничка што се вратила од Шпанија.
„Пред патувањето кон Скопје, свесна дека има благо покачена температура, во авионот се качила со заштитна маска и ракавици и така патувала. По пристигнувањето, сама се јавила на пунктот на скопскиот аеродром, каде е изолирана и потоа транспортирана до Клиниката за инфективни болести, каде и е земен брис“,
изјави Филипче.
На сите други 51 патник во авионот на „Визер“ кој летал од Барселона до Скопје, им е издадено решение за здравствен надзор, односно за домашна самоизолација.
Медицинските лица од Дебар што беа тестирани денеска се негативни на коронавирус.
*поврзани вести
(ГАЛЕРИЈА) Дебрани дома, улиците празни, мерките се почитуваат
(ФОТОВЕСТ) Строга контрола на пунктот пред Дебар, камион вратен назад