Според пријавителот, државниот јавен обвинител се довел во состојба на судир на интереси бидејќи тој како кандидат за избор за Уставен судија имал приватен интерес да го депласира охридскиот обвинител како негов противкандидат во постапката за избор на уставни судии
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешната седница ја отфрли како неоснована пријавата од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид за судир на интереси против актуелниот државен јавен обвинител.

Софка Пејовска-Дојчиновска, член на Антикорупциската комисија, во образложението на предметот наведе дека обвинителот од Охрид во пријавата навел оти добил сознанија дека во ОЈО Охрид била доставена одлука донесена од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија за негово оддалечување од работното место, но оваа одлука не била доставена и до него бидејќи во тој период обвинителот бил на боледување.
Според пријавителот, со донесување на ваква одлука државниот јавен обвинител се довел во состојба на судир на интереси, бидејќи тој како кандидат за избор за Уставен судија, имал приватен интерес да го депласира охридскиот обвинител како негов противкандидат во постапката за избор на уставни судии, појаснуваше Пејовска-Дојчиновска.
Членовите на Антикорупциската комисија по разгледувањето на пријавата, донесоа заклучок дека не може да се утврди дека постапувањето на државниот јавен обвинител, во конкретниот предмет, претставува состојба на судир на интереси согласно Законот.
Антикорупционерите на седницата расправаа и за повеќе други предмети, главно поврзани со постапки за вработување на неопределено или на времено вработување, каде што постоеле сомненија за корупција или за судир на интереси.
Еден од предметите беше и за вработување на лице како посебен советник за координација во кабинетот во едно од Министерствата за плата од 54 илјади денари.
Во други два случаи имало вработување од страна на директори на училишта на своите сопруги. Во средното уметничко училиште во Скопје, директорот склучил спогодба за преземање од Основно училиште во Општина Илинден, на неговата сопруга. Како што информираа на седницата од ДКСК во однос на средното уметничко училиште во Скопје имало претходно и неколку други предмети.
