Дополнително, посочи Ковачевски, на средбата во Софија ќе се разговара и за едно од барањата на Стопанската комора, односно обезбедување непречен проток на струја преку врските со Бугарија во текот на целиот зимски период
На средбата во Софија ќе се дискутира за снабдување со електрична енергија на земјава преку Бугарија како извозник на електрична енергија, кажа премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата пред заминувањето во Бугарија.
Дополнително, посочи Ковачевски, на средбата во Софија ќе се разговара и за едно од барањата на Стопанската комора, односно обезбедување непречен проток на струја преку конекциите со Бугарија во текот на целиот зимски период.
Премиерот појасни дека во минатото се има случувано, при недостаток на електрична енергија, тие водови да не бидат проточни за електрична енергија до Северна Македонија и од таа причина тоа ќе биде една од темите на состанокот.
„Ние преку ресорниот министер за економија сме во постојана комуникација со министерството за енергетика на Бугарија. Во Бугарија во моментов има техничка влада бидејќи Бугарија се подготвува за избори, но тоа не беше пречка да имаме интензивна и нормална комуникација како две соседни држави“,
изјави Ковачевски, додавајќи дека на состанокот ќе доминираат темите што се клучни за справување со најголемата криза што ја имаме од Втората светска војна.
Ковачевски, сепак, покрај за енергетиката, очекува на средбите во Софија со бугарскиот премиер Галаб Донев и со претседателот Румен Радев да се разговара и за други прашања.
Како што информираа од прес-центарот на владата, освен премиерот Димитар Ковачевски, на работната посета во Бугарија премиерот ќе биде заедно со министрите за надворешни работи Бујар Османи и за економија Крешник Бектеши, со директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и со претставници од ресорите економија и енергетика.
По средбата со премиерот на Бугарија, Галаб Донев, предвидено е Ковачевски и Донев да одржат заедничка прес-конференција.
