Во таа насока, амбасадорката Брнз напомена дека владините претставници мора да одговорат на предизвиците, да ги исполнат очекувањата на јавноста и стандардите за членство во ЕУ. Северна Македонија, посочи таа, треба да продолжи со реформите дури и кога тие предизвикуваат одредени политички поделби
Северна Македонија да продолжи со реформите дури и кога тие предизвикуваат одредени политички поделби, порача американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз во своето обраќање по потпишувањето на амандманот на Договорот за грант за партнерство во Министерството за финансии.

Еден од најголемите предизвици со кои се соочува земјава, според амбасадорката, е корупцијата која, како што вели, го поткопува доброто владеење и ја саботира економската конкурентност.
„Од независноста на Северна Македонија во 1991 година, САД ја поддржуваат вашата цел да станете демократска земја, која се заснова на владеење на правото и на еднакви можности за сите граѓани. Знаеме дека ова ќе биде предизвик зашто недостига одговорност, транспарентност. Сето тоа има потенцијал да ја одвлече Северна Македонија од патеката на нејзиниот напредок“,
рече Брнз.
Во таа насока, амбасадорката напомена дека владините претставници мора да одговорат на предизвиците, да ги исполнат очекувањата на јавноста и стандардите за членство во ЕУ.
„Ние ве поддржуваме да продолжите со овие реформи дури и кога тие предизвикуваат одредени политички поделби зашто силна, демократска и инклузивна Северна Македонија е столб за просперитетот на Западен Балкан“,
додаде амбасадорката Брнз.
Половина од поддршката на УСАИД преку Договорот за грант за партнерство за развој, потсети Брнз, се фокусира на борбата против корупцијата.
„Северна Македонија може да стане попросперитетна, добро управувана и поотпорна држава и затоа ќе продолжиме да ја даваме нашата поддршка, со нетрпение очекувајќи да видиме на кој начин ќе се врати оваа инвестиција“,
подвлече амбасадорката.
Во врска со потпишувањето на амандманот на Договорот за грант за партнерство за развој со САД, Брнз нагласи дека отвора ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји.
„Надоврзувајќи се на нашиот билатерален стратешки дијалог од јуни, ова отвора ново поглавје во нашите билатерални односи и ги прецизира нашите идни области на соработка. Стратешкиот дијалог, првиот меѓу САД и Северна Македонија, го означи првиот чекор во обновениот, зајакнатиот дијалог меѓу двајцата посветенеи партенри кои сега работат рамо до рамо во продлабочување на соработката. Работиме заеднички за да ги идентификуваме областите во кои е најпотребна нашата соработка. САД целосно го поддржуваат членството на Северна Македонија во ЕУ. Овој грант дефинитивно ќе помогне да се зајакнат напорите на земјата во обликувањето на иднината на целиот Западен Балкан“,
истакна Брнз.
Претходно, министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на УСАИД во Северна Македонија Џери Дајбл го потпишаа амандманот на Договорот за грант за партнерство за развој со што земјава доби дополнителни 10,3 милиони долари поддршка од САД за демократско општество и конкурентна економија.
