Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција кажа дека текстовите кој се договорени од страна на мешовитата комисија, а одобрени од страна на владите на Северна Македонија и Бугарија, значат подеднаква обврска за двете земји тие да го имплементираат врз основа на реципроцитет.
Маричиќ вели дека според протоколот, владите на двете земји, откако ќе бидат објавени резултатите, двете Влади, имаат обврска во рок од две години да ги спроведат истите.
„Историската комисија е производ на договорот од 2017 г., историчарите до денес имаа повеќе од 20 средби, а ние како Влада секогаш сме велеле дека историските прашања треба да бидат во рацете на историчарите. Сите историчари кои учествуваа во разговорите до ноември се согласиле за Самоиловата тврдина, ние ја поддржуваме нивнат работа и очекуваме се што ќе направиме, да направи и Софија”,
кажа Маричиќ.
Тој кажа дека во МНР се формирани работни групи за сите теми поврзани со имплементација на протоколот, а тие како Влада се во секојдневна комуникација со историчарите но и со техничката Влада во Бугарија. Маричиќ воедно кажа дека доколку членовите на комисијата немаат експертиза за одредени периоди од историјата, може да повикаат други кои ќе дадат свое мислење за оваа проблематика.
„ Во комисијата имаше и претставник кој беше сугериран од страна на опозицијата, но тој ја напушти истата за време на локалните избори. Мислам дека поголемиот дел од јавноста има доверба во овие лица, бидејќи дел од нив работат и на странски универзитети. Никој досега не им ја оспорил стручноста бидејќи тие се сосема легитимни да одлучуваат по овие прашања”,
кажа Маричиќ.
Кога станува збор за скринингот и пристаните процеси, Маричиќ вели дека со колегите од Брисел интензивно работат на подготовка на календар за скринингот кој треба да започне на 15 септември и додава дека според извештајот на Европската Комисија, Северна Македонија е подобра или еднакво добра со оние кои преговараат повеќе од десет години.
„Не сме го изгубиле времето во чекална, имаме многу работа но треба да поставиме амбициозни цели за да исполниме нешто во овој рок. Оваа рамка која е до 2027 ја гледаме со оптимизам, но тоа не зависи само од нас. Нашата цел е Северна Македонија да биде дел од следното проширување на Европската Унија, кога и да се случи тоа”,
кажа вицепремиерот Маричиќ.
Во однос на тоа како власта планира да поминат Уставните измени и вметнувањето на Бугарите во Уставот, по неодамнешните изјави на опозицискиот лидер Мицкоски кој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи овој процес, Маричиќ вели дека сите опции се на располагање, но тој е убеден дека истите ќе поминат во Собранието иако според него се уште е рано за тие да се најдат на дневен ред.
„Скринингот ни дава доволно време за уставните измени. Постои основа за тоа и јас сум убеден во тоа. Ние ќе понудиме платворма за поддршка на интеграциите и очекуваме широк консензус, но знаеме дека тоа нема да биде едноставно поради оваа пропаганда поврзана со договорот со Бугарија. ВМРО и Мицкоски треба да дадат поддршка на нашите стратешки цели, еднаш го пропуштија тоа за НАТО, се надевам нема да го пропуштат за Европската Унија”,
вели Маричиќ.
За европските фондови и нивната искористеност, Маричиќ кажа дека земјава се подобро и подобро ги искористува фондовите на ЕУ кои се на располагање. Вели, одобрени се 43 грантови во износ од 2,6 милијарди евра а Северна Македонија е на второ место по искористеност веднаш зад Црна Гора.
„На крајот на јули, Европската Унија ги одобри првите проекти за инвестициски план за Западен Балкан. Ние влеговме со 4 проекти и добивме 226,6 милиони евра и тоа за изградба на железница кон Бугарија во износ од 149,2 милиони, набавка на фотоволтаици за Осломеј 1 во вредност од 1,6 милиони евра, за Осломеј и РЕК Битола добивме 5 милиони евра, а за пречистителна станица во Скопје, 69,8 милиони евра”,
кажа Маричиќ.
Маричиќ кажа дека на почетокот од следната година ќе следува нова инвестициска офанзива со европските пари, а Северна Македонија ќе учествува со три проекти во вредност од 53 милиони евра и тоа за реновирање на шест хидроцентрали како и изградба на регионални центри за заштита на животната средина. Дополнително, вели во соработка со германската банка КФВ, се работи на проект за енергетска ефикасност на студентските домови кои се од државна сопственост.
„ Европската Комисија усвои програма ИПАРД 3 за поддршка на земјоделството во вредност од 97 милиони евра, што претставува зголемување од 37 милиони евра од ИПАРД 2 програмата. Овие средства се наменети за унапредување на земјоделската инфраструктура. По нејзината ратификација, ќе започне и имплементацијата. Во 2024 г., се планира програма за транспорт во вредност од 50 милиони евра, за животна средина 70 милиони евра а за вработување 40 милиони евра”,
вели Маричиќ.
Прашан за суспензијата на шефицата на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), Вилма Русковска но и за оставката на в.д директорот на Финансова, Арафат Муареми, тој вели дека причините и аргументите треба да се бараат во ЈОРСМ, бидејќи тоа е нивна одлука.