Трите одлуки на владата со кои на Украина и се донира воена опрема и вооружување, вклучувајќи ги и тенковите Т-72, се донесени по претходната консултација со Генералштабот на Армијата кој утврдил дека се она што и се дава на Украина на никаков начин не влијае на ефикансоста и подготвеноста на армиските единици, информира министерката за одбрана Славјанка Петровска
Армијата не предвидува натамошно осовременување на борбените (напаѓачки) хеликоптери Ми-24 или нивна замена со нови. „Во натамошниот развој на Армијата нема простор за ваква компонента, туку нивната улога би ја преземале новите хеликоптери кои би имале повеќенаменска функција“, велат претставници на армискиот генералштаб
Министерството за одбрана и генералштабот на Армијата, повикувајќи се на класифицираност на информациите, се уште не откриваат што се од воена опрема и вооружување и е донирано на Украина. Тенковите Т-72 се единствените за кои има потврда дека и се испратени на Украина, откако снимки и фотографии од нивниот транспорт беа објавени на социјалните медиуми. Но, и за нив официјално не се соопштува број.

„Она што беше видливо е транспортот на тенкови – нема да кажеме во колкава количина е таа донација. Но, да, дел од помошта се и тенкови. Тие веќе не се дел од армиската формација, не се потрени и она што треба да се знае е дека при носењето на политичките одлуки апсолутно беше консултирана Генералштабот. Сите барања за донација, или одлуки за отуѓување на воена опрема се носенеи во координација со армискиот генералштаб и по нивното позитивно мислење дека таа опрема е непотребна на нашата армија таа се отуѓува. Ги демантирам сите шпекулации дека со оваа, или со која било друга донација, се нарушува борбената готовност на Армијата“,
изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на денешниот настан кој е во пресрет на прославата на 30-годишнината од формирањето на Армијата.
Според Петровска, не се исклучува можноста во скоро време сите информации поврзани со помошта што земјава и ја дава на Украина да бидат декласифицирани.
„Донесени се три одлуки за донација, точно е, тие се класифицирани од безбедносни причини. Овие одлуки содржат детали што, каква и колку опрема е донирана. Информациите кои беа искомуницирани со јавноста беа дека се донесени одлуки за донација воена опрема и вооружување. Детали не беа изнесени од безбедносни причини, но тоа не значи дека кога ќе направиме проценка дека нема безбедносен ризик тие три одлуки ќе бидат декласифицирани. По однос на шпекулациите, сакам да кажам дека одлуките за воена помош на Украина ги донесовме како суверена држава, без оглед на тоа што сме членка на НАТО. Владата сметаше дека во услови кога друга независна држава е нападната треба да се водиме од општите принципи на самостојност. Од тие причини ја донесовме одлуката за воена поддршка на Украина“,
изјави министерката за одбрана.
Тенкови „аут“, лесни окопни возила „ин“
Донираните тенкови кои, според Петровска, во изминатите 20 години ниту биле ремонтирани, ниту биле надградени, и онака биле предвидени за расходување зашто не биле предвидени во идниот развој на Армијата.

Северна Македонија е во процес на набавка на лесни оклопни возила (JLVT) – шест веќе се пристигнати, до крајот на годината ќе дојадт уште 27, а до 2028 година ќе се комплетира бројката од 96 вакви лесни оклопни транспортери кои се во согласност со НАТО потребите.
Во фаза на набавка се и поголеми оклопни возила „Страјкер“. Станува збор за зделки кои се во соработка и поддршка со САД.
Западни наместо руски хеликоптери – нема место за борбени летала
Во Армијата се прават планови за замена и на актуелните хеликоптери кои се дел од воздухопловниот винг. Размислувањата се да се врши постепена транзиција на транспортните хеликоптери од руска (источноевропска) на западна платформа, односно да се набавуваат хеликоптери од американски или западноверопски производители. Процесот би се одвивал во фази, а не одеднаш да се заменат стари со нови летала. Интересно е дека врвот на Армијата не предвидува натамошно осовременување на борбените (напаѓачки) хеликоптери Ми-24 или нивна замена со нови. „Во натамошниот развој на Армијата нема простор за ваква компонента, туку нивната улога би ја преземале новите хеликоптери кои би имале повеќенаменска функција“, велат претставници на армискиот генералштаб.