Вчеравечер на плоштадот „Секндербег“ во Скопје се одржа „Мировен фестивал“ по повод 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, меѓутоа, забавата организирана од министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби почна со исвиркување на водителката кога се обиде најавата на прославата да ја прочита и на македонски јазик.
„Драги присутни, вечерва нè собра песната, убавата песна, која ќе нè потсети на убавите мигови на животот, на младоста, љубовта, слободата, соништата…“,
рече водителката, меѓутоа беше прекина бидејќи од публиката се слушаа свирежи.
Претходно Груби за овој концерт рече дека ќе прерасне во еден од најголемите регионални, мултикултурни и обединувачки фестивали.
Тој денеска во соопштение до медиумите рече дека со концертот била заокружена прославата за годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.
„Оваа година 21-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор беше заокружена со успешен ‘Мировен фестивал’ на плоштадот ‘Скендербег’ во Скопје. Во оваа пригода изразувам благодарност до сите илјадници присутни кои беа заедно со уметниците кои вчеравечер настапија“,
На прославата на плоштадот „Скендербег“ претходно учеството го откажаа пејачите Владо Јаневски и Антонија Гиговска.
Според документите од Бирото за јавни набавки, Министерството за политички систем потпишало два договора со „Арбериа дизајн“ за услуги поврзани со 21-годишнината од Охридскиот договор, за кои тетовската компанија има на располагање околу сто илјади евра од државниот буџет.