Власта е таа која треба да го отвори прашањето за немањето регистар на имиња кои не можат да се користат при регистрација на Здруженија на граѓани и други организации
Одговорноста за регистрацијата на здруженија на граѓани со имиња кои апсолутно не се прифатливи за граѓаните на Македонија е кај државните институции, смета лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов
„Мислам дека одговорноста лежи кај државните институции кои дозволуваат регистрација на здруженија на граѓани со различни имиња кои апсолутно не се прифатливи за граѓаните, за јавноста, бидејќи се работи за поранешни соработници на Хитлер, на фашизмот, или, пак, во тоа време извршувале високи државни функции во Бугарија“,
рече Трајанов во вечерашното гостување на „Жешко политичко лето“ на Канал 5.

Според него, се работи за една стратегија, добро осмислена од Бугарија која што практично го тестира јавното мислење на граѓаните на Македонија и смета дека ова прашање мора да се разреши.
„Сите овие здруженија ќе мора да ги променат нивните имиња доколку сакаме да бидеме демократска држава и да ги почитуваме сите аспекти и вредности на ЕУ или во целина како човекови вредности“,
додаде Трајанов.
Трајанов вели дека власта е таа која треба да го отвори прашањето за немањето регистар на имиња кои не можат да се користат при регистрација на Здруженија на граѓани и други организации.
„Власта нема на кого да кажува. Тоа прашање треба да го отвори, да го разреши, ако треба и законски измени да се донесат. Во секој случај оние здруженија што се регистрирани сега со имиња Цар Борис Трети, понатаму Ванчо Михајлов, Фердинанд, треба добро да се проучат од сите аспекти и да се бара промена на имињата. Мислам дека треба законската регулатива да биде со цел тоа да не се сфати дека ние работиме против правата на Бугарите во Македонија, што апсолутно не е точно. Ова се класични провокации према нашата држава, према македонскиот народ. Тоа треба да престане. Државата тоа треба да го сосече во корен“,
нагласи Трајанов.
Тој вели дека ако некој донел решение за регистрација, а не ја почитувал процедурата, треба да сноси одговорност.
„Тој што е директор треба да биде сменет. Апсолутно нема оправдување . И порано имаше оправдување дека затоа што нема регистар на личности кои не можат да се користат тоа било основа да дадат согласност за Ванчо Михајлов како име да се користи за Здружението на Бугарите во Битола. Нема оправдување, секој кој ја крши процедурата, несоодветно постапува треба да понесе и политичка и друга одговорност“,
рече Трајанов.
На прашањето дали појавата на овие здруженија е обид или подготовка за вметнување на Бугарите во уставот, трајанов вели дека не станува збор за ништо такво, туку за класични провокации.
„Тоа е стратегија на Бугарија која што разработува неколку подрачја преку кои што ќе ја притиска Македонија, а едно од тие е регистрација на здруженија. Веројатно тие чекаа реакција од Македонија да забрани регистрација на вакви здруженија, па тоа да го користат дека на Бугарите не им се дозволува да ги користат своите права поврзани со културата, обичаите, традицијата“,
додаде Трајанов.